Кој е планот на Претседателката на Северна Македонија во однос на Преспанскиот договор? Запрашана за тоа на јавен настан во Охрид, Гордана Сиљановска Давкова вака одговори:
„Планот е градење на добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање почит... Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна ... взамено да ги надминеме проблемите“.
Таа сепак не отстапува од користењето на старото уставно име.
„ Јас реков дека го почитувам Преспанскиот договор, го почитувам меѓународното право, за разлика од други. Зборувавме за лична определба - тоа е право кое е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори, како што се декларациите за слободата и праватa, од Сократ па до денес. Важи за секој па и за мене“.
Грчкиот Министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, неодамна не ја исклучи можноста за покренување постапка пред Меѓународниот суд.
„Истиот тој Меѓународен суд каде ние бевме со Грција, веќе пресуди во однос на кршењето на членот 11 од привремената спогодба. Тоа е исто така меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН и потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат erga omnes, но тоа не се случи во нашиот случај... Ние немам друг избор освен да разговараме“, рече Сиљановска Давкова, додавајќи дека „нема да оди по светот“, тука дека сака најпрво да се сретне со соседите и да разговара со нив.
Facebook Forum