Линкови за пристапност

Моменталната ситуација на границата меѓу Израел и Либан не е одржлива, вели Нетанјаху


Небото долж границата меѓу Израел и Либан доцна на 15 септември 2024 година во услови на ескалација на тековните прекугранични тензии
Небото долж границата меѓу Израел и Либан доцна на 15 септември 2024 година во услови на ескалација на тековните прекугранични тензии

Во израелски воздушни напади рано во понеделникот загинале 16 лица во појасот Газа, според палестинските власти,

Воздушните напади во Газа погодиле дом во бегалски камп во центарот на Газа, при што загинале најмалку 10 лица, а 13 други биле ранети.

Шест други лица биле убиени во напад на дом во градот Газа, изјавија за Асошиетед прес екипите кои работат во рамките на владата на Хамас.

Меѓу загинатите има четири жени и две деца.

Во меѓувреме, израелската војска извести дека откако се огласиле сирените во областа на Горна Галилеја, биле идентификувани две сомнителни воздушни цели кои преминале од Либан на израелска територија и паѓале во областа на северната Голанска Висорамнина.

Во неделата наутро, израелската војска соопшти дека околу 40 проектили биле истрелани од Либан кон израелскиот регион Горна Галилеја и анектираната Голанска Висорамнина.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека моменталната ситуација долж израелско-либанската граница, каде што се раселени десетици илјади луѓе, не е одржлива.

„Постоечката ситуација нема да продолжи. Ќе направиме се` што е потребно нашите жители безбедно да се вратат во нивните домови“, рече тој.

Тензиите низ регионот беа засилени во неделата откако проектилот лансиран од бунтовниците Хути во Јемен падна на отворен простор во централен Израел и ги активира сирените за воздушен напад на меѓународниот аеродром во близина на Тел Авив.

Нетанјаху вети дека ќе возврати, велејќи дека Хутите „досега требало да знаат дека наплаќаме висока цена за секој обид да ни наштетат“.

Јеменските бунтовници постојано истрелуваат беспилотни летала и проектили кон Израел од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа минатиот октомври, но речиси сите беа пресретнати над Црвеното Море.

Во последниот напад, бригадниот генерал Јахја Сари, воен портпарол на бунтовниците, рече дека тие истрелале балистичка ракета насочена кон „воена цел“ во Јафа, која е дел од Тел Авив.

Хутите се меѓу неколкуте групи поддржани од Иран на Блискиот Исток кои се вовлечени во конфликтот предизвикан од нападот на Хамас врз јужен Израел минатиот 7 октомври, во кој загинаа 1.200 луѓе и беа киднапирани 250 лица.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 41.000 Палестинци, а бројот на загинати Израел вели дека вклучува неколку илјади милитантни борци.

Хамас е прогласен за терористичка група од САД, Велика Британија, ЕУ и други западни земји.

Наташа Мозговаја придонесе за овој извештај. Во текстот се користени информации од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

Поврзано

XS
SM
MD
LG