Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе продолжи да инсистира на одржување на израелското присуство долж границата на Газа со Египет како дел од каков било договор за прекин на огнот.
Барањето на Нетанјаху да остане во коридорот е голема спорна точка во разговорите за прекин на огнот со Хамас.
Исламската милитантна група бара целосно повлекување на Израел од Газа како дел од каков било договор со кој ќе се ослободат десетиците заложници што ги држи во Газа.
Нетанјаху рече дека доколку Израел се согласи да се повлече, макар и привремено, меѓународната заедница никогаш нема да дозволи тој да се врати.
„Тоа ја одредува целата наша иднина“, рече тој на прес-конференција.
„Ова е кислородот на Хамас“.
Нетанјаху, на прес-конференција, рече дека Хамас „ќе плати голема цена“ за убивање на заложниците, пренесоа повеќе медиуми.
Нетанјаху е под голем притисок да постигне договор откако милитантите на Хамас убиле шест заложници, непосредно пред израелските војници да стигнат до тунелот каде што биле држени.
Американскиот претседател Џо Бајден денес изјави дека е блиску до презентирање на конечен предлог за договор за ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Газа, но рече дека не мисли оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прави доволно за да обезбеди таков договор.
Бајден зборуваше со новинарите во Белата куќа откако израелските сили во текот на викендот ги пронашле телата на шест заложници, вклучувајќи го и Херш Голдберг-Полин, 23-годишен американски државјанин, во тунел во Газа, каде што се вели дека неодамна биле убиени од страна на палестинските милитанти на Хамас.
Тоа предизвика критики за стратегијата на администрацијата на Бајден за прекин на огнот во Газа и го засили притисокот врз Нетанјаху од Израелците да ги врати преостанатите заложници дома.
Запрашан дали мисли дека Нетанјаху прави доволно за да обезбеди договор за заложници, Бајден одговори:
„Не“.
Тој не даде детали.
Запрашан дали планира да го претстави конечниот договор за заложниците на двете страни оваа недела, Бајден рече:
„Многу сме блиску до тоа“.
„Продолжуваме да се надеваме“, додаде тој на прашањето дали договорот ќе биде успешен.
Бајден и потпретседателката Камала Харис денес се сретнаа со американскиот преговарачки тим за договорот за заложници, за да разговараат за напорите за постигнување договор за ослободување на преостанатите заложници.
Најголем дел од информациите во текстот се од АП и Ројтерс