Линкови за пристапност

Израелските сили убиле најмалку 5 палестински милитанти на Западен Брег


Израелските војници заземаат позиција за време на армиската операција на северот од окупираниот Западен Брег на 29 август 2024 година
Израелските војници заземаат позиција за време на армиската операција на северот од окупираниот Западен Брег на 29 август 2024 година

Израелската војска денес соопшти дека убила пет милитанти на окупираниот Западен Брег додека спроведувала втор ден по ред антитерористички операции.

Израелските сили ги убиле милитантите во џамијата каде што се криеле во градот Тулкарм, соопшти војската.

Израелските одбранбени сили идентификуваа еден од милитантите како Мохамед Џабер, командант на групата Исламски џихад, и рече дека бил вклучен во бројни напади врз Израелците.

Израелските сили убија најмалку девет лица вчера за време на рации и воздушни напади во и околу градот Џенин.

Милитантната група Хамас соопшти дека 10 нејзини борци биле убиени.

Во текот на војната во Газа на Израел против Хамас, поддржан од Иран, израелските сили постојано спроведуваа рации на Западен Брег, за кои војската вели дека имаат за цел да ги попречат потенцијалните напади.

Израелските војници и доселеници убија повеќе од 640 Палестинци на Западен Брег од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, додека во палестинските напади загинаа најмалку 19 Израелци.

Хамас ги повика Палестинците на Западниот Брег да се кренат, нарекувајќи ги рациите дел од поголем план за проширување на војната во Газа и обвинувајќи ја за ескалацијата поддршката на САД за Израел.

Набил Абу Рудеинех, портпарол на претседателот на палестинската управа Махмуд Абас, ги осуди рациите како „сериозна ескалација“ и ги повика САД да интервенираат.

Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент вчера објави соопштение во кое го осудува она што го окарактеризира како „екстремистичко (еврејско) насилство од доселениците на Западен Брег“.

Тоа „предизвикува интензивно човечко страдање, штети на безбедноста на Израел и ги поткопува изгледите за мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.

„Критично е владата на Израел да ги повика на одговорност сите поединци и ентитети одговорни за насилството врз цивилите на Западен Брег“.

САД вчера објавија санкции за израелска невладина организација, која, според официјални претставници на Стејт департментот, го спречила враќањето на палестинските жители во нивната населба на Западен Брег претходно оваа година.

Како одговор, кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху рече:

„Израел гледа со најголема сериозност на воведувањето санкции врз граѓаните на Израел. Прашањето е во остра дискусија со САД“.

Израел ги освои Западен Брег, Газа и источен Ерусалим во војната на Блискиот Исток во 1967 година.

Палестинците ги сакаат сите три за идна држава.

Израелските граѓани изградија голем број населби низ Западен Брег, сега дом на повеќе од 500.000 еврејски доселеници.

Тие имаат израелско државјанство, додека 3 милиони Палестинци на Западен Брег живеат под израелска воена управа, при што палестинската управа врши ограничена контрола врз центрите за население.

Дописничката на Гласот на Америка од ОН Маргарет Беши придонесе за овој текст. Некои информации се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG