Линкови за пристапност

Хамас и Израел се обвинуваат меѓусебе зошто нема договор за прекин на огнот


Палестинци поминуваат покрај урнатини на куќите уништени од израелските напади во Кан Јунис
Палестинци поминуваат покрај урнатини на куќите уништени од израелските напади во Кан Јунис

Милитантната група Хамас денес го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека работи на спречување на договор за прекин на огнот за војната во Газа, еден ден откако Нетанјаху рече дека Израел ќе комбинира воен притисок со цврст став за неговите барања.

Во соопштението на Хамас се вели дека разговорите за нов предлог за прекин на огнот се непотребни бидејќи групата се согласила на предлогот од јули предложен од САД.

„Предупредуваме да не` паднеме во стапицата и триковите на Нетанјаху, бидејќи тој ги користи преговорите за да ја продолжи агресијата врз нашиот народ“, се вели во соопштението.

За време на прес-конференцијата вчера во Ерусалим, Нетанјаху рече дека Израел се согласил на претходните предлози за прекин на огнот, додека Хамас одбил.

Нетанјаху, исто така, остана на својот став дека Израел ја задржува контролата врз коридорот во граничната област Египет и Газа.

САД ја отфрлаат загриженоста дека обвинението против лидерите на Хамас ќе ги комплицира разговорите за прекин на огнот.

Во Вашингтон, висок функционер на администрацијата на Бајден им рече на новинарите вчера дека преговорите за прекин на огнот продолжуваат и дека договорот е „во основа направен“, освен две спорни точки - кои палестинските затвореници ќе бидат ослободени во замена за преостанатите заложници и распоредувањето на израелските сили за време на првата фаза од договорот.

Членовите на Советот за безбедност на ОН вчера изразија фрустрација поради неуспехот да се склучи договор за прекин на огнот и ослободување заложници меѓу Израел и Хамас, поради убиството на шест израелски заложници и ескалацијата на насилството на Западниот Брег.

Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд повика на трпение.

„Потребна е напорна работа. Потребен е напор, и за жал, потребно е време“, рече таа.

Таа истакна дека дипломатијата помогнала да се обезбеди ослободување во ноември на повеќе од 100 од 250 заложници што Хамас ги зеде за време на нивниот терористички напад на 7 октомври 2023 година.

„И преку дипломатија имаме за цел да ги вратиме преостанатите заложници дома и конечно да го ставиме овој ужасен конфликт на пат кон траен заклучок“, рече Томас-Гринфилд.

„Израелскиот народ треба да разбере дека договорот на маса е договор што нивните лидери можат да го прифатат, бидејќи ова е договор што ја гарантира безбедноста на Израел“.

Милитантите на Хамас убија околу 1.200 луѓе и заробија околу 250 заложници за време на терористичкиот напад на 7 октомври во јужен Израел.

Во израелската контраофанзива загинаа речиси 41.000 Палестинци во Газа, од кои повеќето жени и деца, според здравствените власти во Газа, додека израелската војска вели дека бројот на загинатите вклучува неколку илјади борци на Хамас.

Хамас е прогласен за терористичка група од САД, Обединетото Кралство и други западни земји.

На Советот за безбедност вчера, пратеникот на Израел го повтори своето барање членовите на Советот да го прогласат Хамас за терористичка организација.

Маргарет Бешир од Гласот на Америка, Патси Видакусвара и Наташа Мозговаја придонесоа за овој извештај. Некои информации се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

Поврзано

XS
SM
MD
LG