Линкови за пристапност

Продолжуваат протестите во Израел откако во Газа беа пронајдени мртви уште шест заложници


Демонстранти креваат плакати и извикуваат слогани додека го запираат сообраќајот за време на антивладиниот протест со кој се повикува на ослободување на Израелците кои се заложници на Хамас, во Ерусалим на 2 септември 2024 година
Демонстранти креваат плакати и извикуваат слогани додека го запираат сообраќајот за време на антивладиниот протест со кој се повикува на ослободување на Израелците кои се заложници на Хамас, во Ерусалим на 2 септември 2024 година

Организираните протести во Израел ги блокираа банките, јавниот транспорт, болниците, продавниците и главниот аеродром во земјата, додека најголемиот израелски синдикат се обиде да изврши притисок врз владата да постигне договор за прекин на огнот со Хамас, неколку дена откако уште шест заложници беа пронајдени мртви во Газа.

Арнон Бар-Давид, претседател на синдикатот Хистадрут, вчера рече дека постигнувањето договор за ослободување на заложниците кои се држат од Хамас во Газа „е најважната работа“.

„Досега покажав голема одговорност и не беше лесно“, рече Бар-Давид.

„Но, чувствувам дека не можеме да стоиме со скрстени раце. Не можеме да го игнорираме плачот на нашите деца кои ги убиваат во тунелите во Газа; тоа е незамисливо. Ние сме во надолна спирала и постојано добиваме торби со тела“.

Заложниците очигледно биле застрелани до смрт од милитантите токму во моментот кога војниците навлегувале на нивната локација во Газа.

Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека рано денес, форензичкото испитување покажало оти заложниците биле убиени со истрели одблизу и во рок од 48-72 часа пред испитувањето.

Штрајкот денес уследи по протестите вчера навечер, во кои десетици илјади луѓе побараа од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се согласи на прекин на огнот.

Илјадници луѓе се собраа пред канцеларијата на Нетанјаху во Ерусалим. Во Тел Авив, роднините на заложниците маршираа со ковчези за да го симболизираат бројот на загинати.

Се чинеше дека протестот е најголемата ваква демонстрација во речиси 11 месеци војна.

Претходно вчера, Нетанјаху вети дека ќе ја интензивира борбата со Хамас, откако израелската војска ги извади телата на мртвите заложници.

„Оние кои убиваат заложници не сакаат договор“ за прекин на огнот во Газа, рече Нетанјаху во изјавата, велејќи им на лидерите на Хамас:

„Ќе ве ловиме, ќе ве фатиме и ќе ја расчистиме пресметката“.

Нетанјаху, исто така, го обвини Хамас дека извршил напад претходно во неделата, во кој загинаа тројца полицајци во близина на градот Хеброн на Западниот Брег, окупиран од Израел.

Хамас не ја презеде одговорноста за нападот, но го нарече „херојска операција на отпорот“.

Додека борбите во Газа и Западниот Брег останаа во првите редови, на неколку локации во Газа беа започнати „хуманитарни паузи“ за да може Агенцијата на ОН за Палестинците и Светската здравствена организација да започнат со вакцинирање на 640.000 деца под 10 години во текот на следната неколку дена против заканата од детска парализа.

Оваа болест неодамна беше откриена во Газа за првпат по 25 години.

Милитантите на Хамас убија околу 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници за време на октомврискиот напад на јужен Израел.

Во израелската контраофанзива загинаа речиси 41.000 Палестинци во Газа, од кои повеќето жени и деца, според здравствените власти во Газа, додека израелската војска соопшти дека бројот на загинатите вклучува неколку илјади борци на Хамас.

Израел вели дека верува оти 101 израелски и странски заложници остануваат во Газа, но околу една третина од нив се верува дека се мртви, додека судбината на другите не е позната.

Високи претставници на Хамас рекоа дека Израел, со своето одбивање да потпише договор за прекин на огнот, е виновен за најновите смртни случаи.

„Нетанјаху е одговорен за убиството на израелските затвореници“, изјави за Ројтерс високиот функционер на Хамас Сами Абу Зухри.

„Израелците треба да изберат помеѓу Нетанјаху и договорот“.

Хамас понуди да ги ослободи заложниците во замена за прекин на војната, повлекување на израелските сили и ослободување на десетици палестински затвореници, вклучително и милитанти од висок профил, затворени од Израел.

Форумот за семејства на заложници го повика Нетанјаху да преземе одговорност и да објасни што го спречува договорот.

„Сите тие беа убиени во последните неколку дена, откако преживеаја речиси 11 месеци малтретирање, тортура и гладување во заробеништво на Хамас. Одложувањето на потпишувањето на договорот доведе до нивна смрт и смрт на многу други заложници“, се вели во извештајот.

Министерот за одбрана Јоав Галант ја повика владата да ја повлече одлуката минатиот четврток да ги задржи израелските сили во коридорот долж границата со Египет, клучна точка на спор во преговорите за прекин на огнот во Газа.

„Кабинетот мора веднаш да се собере и да ја смени одлуката донесена в четврток“, се вели во соопштението на Галант.

„Мораме да ги вратиме заложниците кои се` уште ги држи Хамас“.

Галант и Нетанјаху се разидоа околу прашањето за коридорот, но други безбедносни службеници застанаа на страната на Нетанјаху.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој внимателно ја следеше судбината на заложниците, рече дека меѓу шесте тела пронајдени во тунелот во Газа бил и израелскиот Американец Херш Голдберг-Полин.

Бајден рече дека е „уништен и огорчен“.

„Водачите на Хамас ќе платат за овие злосторства. И ние ќе продолжиме да работиме деноноќно за договор за да обезбедиме ослободување на преостанатите заложници“, рече тој во изјавата.

Потпретседателката Камала Харис, демократската претседателска кандидатка, рече дека таа и нејзиниот сопруг Даг Емхоф разговарале со родителите на Голдберг-Полин, Џон и Рејчел, за да изразат сочувство.

„Моето срце се кине поради нивната болка и мака“, рече Харис.

„Им реков: Додека жалат за оваа страшна загуба, тие не се сами. Нашата нација тагува со нив“.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG