„Јас во 1993 година бев во Охрид и си одев дома за селото Лакочереј. Додека патував слушнав дека авион паднач во месноста Тројанска кај Охрид.На радио кажаа дека има еден преживеано, и оти е потребна 0 крвна група, а јас сум таа група. Тогаш од сред пат се вратив и отидов да дарувам крв“, вели 65 годишниот, Борис Стојаноски, кому ова е момент кој, ќе го памети целиот свој живот.
До сега сто пати имал дарувано крв, а за прв пат во 1978 година како војник во некогашната Југословенска армија.
„Дарувањето е спасување живот. Помагање. Ќе продолжите ли понатаму да дарувате крв? Ако се може, барем два пати ќе дарувам. Не, не се откажувам“, додава Стојаноски.
Првите дарувања крв и Милчо Бујароски ги имал исто така во војничките денови во 1981 година во Босна и Херцеговина. Досега од течноста што живот значи дарувал 82 пати.
„Често пати и сам сум се јавувал и на повик сум одговарал за луѓе за кои им било потребно дарување крв“, вели Бујароски.
Според законските прописи со над 65 години старост крв повеќе не може да се дарува. Но во семејството, Милчо веќе има наследник. Неговиот 22 годишен син неколку пати имал дарувано крв.
„Задоволство ми е да давам крв, затоа што знам дека потенцијално на некого во некој момент може да му е толку важна, што може да му го спаси животот“, додава Бујароски.
Владимир Каневчев досега дарувал 78 пати. Но се надева дека ќе ги надмине и Милчо и Борис по бројот на дарувања. Почнал да дарува од здравствени причини, а потоа сето тоа прераснало во желба да помага. Дарува четири пати годишно.
„На двапати ми се случи, во моментот кога отидов да давам крв, да ми речат како нарачан стигна, баш вашата крвна група ни треба, а во Костозглобната болница доаѓаат лица повредени во сообраќајни незгоди. И тоа ми беше посебно чувство, токму тоа доаѓање на лице место случајно сум спасил нечиј живот“, вели Каневчев.
Facebook Forum