Линкови за пристапност

Рикер на нова функција, на средби во Македонија


Рикер на нова функција, на средби во Македонија
Рикер на нова функција, на средби во Македонија

Повод годишнината од Рамковниот договор; новинарското прашање за името го пренасочи до премиерот Груевски

Силната поддршка и стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија продолжуваат. Филип Рикер, од нему позната средина упати веќе позната порака, но од нова позиција.

До неодамна амбасадор на САД во Македонија, тој за кусо време повторно дојде во Скопје, но сега како заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, во првата официјална посета на регионот.

По средбата со македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими, Рикер изјави дека и покрај промената на функциите, нема промена во односите меѓу САД и Македонија.

„Имавме добра шанса да разговараме за мојата и за неговата нова позиција и се надеваме на продолжување на цврстата соработка меѓу нашата амбасада тука и Министерството, како и меѓу САД и Македонија“, изјави Рикер.

На новинарско прашање дали тој како доскорешен амбасадор и пријател на Македонија ќе помогне во решавањето на спорот со името, Рикер рече дека „не е негова работа да и помага на Македонија“ и дека „САД се голем партнер на Македонија, но ова прашање треба да му го поставите на вашиот премиер и на вашите лидери“.

Посетата на Македонија, рече тој, е поврзана со одбележувањето на една деценија од Рамковниот договор и нема врска со грчко- македонскиот спор за името.

Министерот Бесими, пак, рече дека на средбата со Рикер станало збор за реформите и за тоа што ќе биде приоритет во овој мандат.

„Ќе работиме на зајакнување на досегашната одлична соработка на билатерално ниво со САД и што досега е докажано врз основа на стратешкото партнерство. Соработката во одбраната е клучен момент за стабилноста на земјата и еден значаен момент за поддршка на економскиот развој на земјата за во една стабилна држава и економија да има нови работни места, инвестиции, подобар стандард за нашите граѓани“, изјави министерот Бесими.

Вишиот претставник на американската администрација денеска се сретна и со водачот на опозицијата Бранко Црвенковски. Како што соопштија од кабинетот на Црвенковски, тој и Рикер разговарале за актуелни внатрешно-политички и регионални теми и „изразиле загриженост за владеењето на правото и состојбите со медиумите“. Црвенковски му пренел дека социјалдемократите и понатаму ќе останат конструктивна опозиција во процесот на евро-алтланските интеграции.

Утре попладне Рикер ќе се сретне со премиерот Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG