Американската политика непроменета - Вашингтон не диктира како да се постигне решение. Ова е коментарот на Стејт департментот на наводите на советникот за меѓународни односи на претседателот Ѓорге Иванов, Ристо Никовски, дека САД не се стратешки партнер на Македонија и дека вршат притисок земјата да се прекрсти и обезличи.
„Американската политика е мошне конзистентна, а тоа е дека е до Македонија и Грција да ги разрешат нивните разлики околу прашањето за името. Ги поттикнавме обете страни да бараат можности како да тргнат напред. Ова не е ситуација во која еден добива, а друг губи. Ниту амбасадорот Рикер, ниту пак кој и да е друг американски официјален претставник некогаш се има обидено да диктира како тоа треба да го сторат“, рече портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер на прашање на Гласот на Америка на денешниот брифинг.
Тонер изрази надеж дека прашањето ќе биде решено и дека Македонија ќе може да го заземе своето место во евро-атлантските институции.