Линкови за пристапност

Рикер: Имплеметацијата на Рамковниот договор – витална за иднината


Рикер: Имплеметацијата на Рамковниот договор – витална за иднината
Рикер: Имплеметацијата на Рамковниот договор – витална за иднината

Клуч за евро-атлантската интеграција на Македонија, рече амбасадорот на САД на конференција по повод десетгодишнината на документот

Охридскиот рамковен договoр е гарант за мирот и стабилноста на Македонија, како и за нејзината евро-атлантска перспектива. Ова е пораката од денешната конференција одржана во Тетово, во рамки на манифестациите за одбележување на десетгодишнината од потпишувањето на документот.

„Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор е процес кој е витален за иднината на земјата. Тој е клуч за евро-атлантската интеграција на Македонија, која е примарната политичка цел на сите политички партии и речиси на целата популација, без разлика на партиската, верската или етничката припадност“, рече американскиот амбасадор Филип Рикер.

На конференцијата учествуваа и дел од од оние кои ставија потпис на Рамковниот.

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски оцени дека немало потреба од овој договор бидејки правата на Албанците биле во процес на реализација.

„Поголемиот дел од Рамковниот договор е имплементиран и поради тоа сите нови барања што во иднина би произлегле не треба да се поврзуваат со овој документ“, изјави Георгиевски.

Водачот на СДСМ Бранко Црвековски смета дека без целосна интеграција на земјата во ЕУ и НАТО може да дојде до загрозување на меѓуетничките односи, а не е исклучено и загрозување на веќе постигнатите придобивки од Охридскиот рамковен договор.

„Во Македонија треба да се постираат проекти што не` обединуваат, а не што не` раздвојуваат. Проекти како Скопје 2014 не` разделуваат, а проектот за интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО не` обединува. Што поблиску сме до Брисел, толку повеќе сме внатрешно интегрирани“, рече Црвенковски.

Поранешиот водач на ОНА Али Ахмети посочи дека таа имала конкретни барања:

„Нашите барања беа јавни и содржани во коминикето број 6. Баравме целосна рамноправност. Ова е и наша држава и нема компромис со тоа. Македонија подеднакво припаѓа и на Бранко Црвенковски и на Љубчо Георгиевски, и на мене“, рече Ахмети.

На конференцијата не учествуваа претставици на ДПА и ПДП, чии водачи 2001-вата исто така ставија свои потписи на договорот со кој се оконча воениот конфикт во Македонија.

Гаранти на потпишувањето на Охридскиот рамковен договoр беа САД, ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG