„Историјата не` научи дека е неопходно прво да се постигне мир, за да се овозможи развој на демократијата. Токму тоа го постигна Охридскиот рамковен договор“, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на прославата од десетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид.
Според претседателот Иванов демократијата и мултиетничкиот карактер имаат едно заедничко својство: секогаш е подобро да извираат од внатре, од самото општество, за да бидат вистински ефикасни. Притоа, демократијата во едно мултиетничко општество е можна, доколку политичките лидери настојуваат да донесуваат одлуки што водат кон поврзување, а не кон судири.
„Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација, обезбедувањето на образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот. Тоа е нашиот пат во градењето на функционален мултиетнички соживот“, оцени Иванов.
По десетгодишното искуство од спроведувањето на одредбите од Охридскиот договор, вицепремиерот Муса Џафери оцени дека се спроведени многу реформи за демократизација, децентрализација и почитување на културата и разликите на етничките заедници, правилна застапеност во институциите, законски промени за пристап еднаков до институциите во системот. Тој подвлече дека договор во интерес на сите граѓани, што имал голема пооддршка кај меѓународните фактори кои го овозможија и се потпишаа како гарант, а нивното присустви денес тука во Охрид го потврдувало тоа. Темел врз кој се изградил нов здрав политичко-општествен систем.
Според министерот задолжен за спроведување на Рамковниот, најголем предзивик бил Законот за територијална поделба, но политичките лидери и граѓаните, како што рече Џафери, покажаа демократски капацитет и го спроведоа тој закон.
На првиот дел од свеченоста не дојде никој од потписниците. Не допатува ниту единствениот најавен, лидерот на СДСМ Бранко Црвенкоски. Во Охрид дојдоа олеснувачот на Охридскиот договор, Џејмс Пердју, и екс-амбасадорор на САД во Македонија Филип Рикер.