Линкови за пристапност

Рикер потсети на пораките од Вашингтон


Рикер потсети на пораките од Вашингтон
Рикер потсети на пораките од Вашингтон

Американскиот амбасадор на брифинг за новинарите говореше за темите на неодамнешните средби на македонскиот премиер во САД.

Официјален Вашингтон денес преку Амбасадата на САД потсети на пораките што потпретседателот Џо Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон пред две недели му ги пренеле на премиерот Никола Груевски.

Политичкиот дијалог, независноста на медиумите и меѓуетничките односи се теми за кои Вашингтон изрази загриженост. Целта на оваа порака била, како што пренесе амбасадорот Филип Рикер на брифингот за новинарите, да се подобри состојбата на тие планови. Вашингтон смета дека две недели по разговорите на високо ниво, нема поместување во однос на упатените забелешки.

Дали треба да има или не предвремени избори, според Рикер, зависи од политичките лидери, исто како и прашањето за можен бојкот на опозицијата на евентуалнoтo гласање.

Амбасадорот Рикер информираше дека на средбата на Бајден со Груевски, американскиот потпретседател на македонскиот премиер му ги предочил и економските придобивки од членството во НАТО, пред кое како единствена пречка стои спорот со Грција околу името.

Во врска со тоа прашање, Рикер повтори дека официјален Вашингтон не задава рокови до кога тоа би требало да се реши. Сепак, амбасадорот е на мислење дека што побрзо - тоа подобро. Сугерирајќи да не се оптоварува прашањето со елементи како што е македонскиот идентитет, Рикер подвлече дека не станува збор за компромис околу идентитетот, туку за обострано прифатливо решение за името во рамки на ОН.

XS
SM
MD
LG