Македонија ќе стане членка на НАТО веднаш откако ќе постигне прифатливо решение во спорот за името со Грција. Оваа порака денска во Скопје ја донесе американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер.
„Пресудата на Меѓународниот суд е пресуда на Меѓународниот суд. НАТО, само по себе, е договорна организација, во која е потребен консензус за да се преземат светите и многу важни одговорности за членство во НАТО. Обврските што членството ги бара, значат дека постоечките членки, како и новите членки, мора да се согласни тоа да го сторат. Како што реков, консензусот е причината поради која НАТО остана успешен и ефективен како што е“, изјави Рикер по средбата со премиерот Никола Груевски.
На новинарско прашање дали Македонија ќе биде на дневиот ред на Самитот на НАТО закажан за мај годинава Рикер изјави:
„Како што знаете, од Букурешт сите велиме и повторуваме дека Македонија ќе добие покана да се приклучи на Алијансата штом двете земји, Грција и Македонија, најдат прифатливо решение за прашањето, за да може да има консензус во НАТО, што, покрај се`, е основа на алијансата. Затоа Северно-атлантската алијанса е толку успешна, затоа го одржува мирот во Европа од своето основање и е, како што реков, основа Алијансата да се движи напред во иднина“, изјави Рикер по разговорите со премиерот Груевски.
Што се однесува до пресудата во Хаг, Рикер очекува таа да биде катализатор на процесот за што поскоро решавање на спорот со името.
Соопштението од Кабинетот на Груевски ги истакнува пријателските односи меѓу Македонија и САД и наведува дека на дневен ред на средбата биле евро-атлантските и европските интеграции, реформските процеси и постигнувања на Македонија, но и предизвиците и областите каде е потребен поголем напредок.
Претходно, Рикер имаше средба и со шефот на државата Ѓорге Иванов. Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов го информирал Рикер за исходот од средбите во Њујорк при што рекол дека загрижува недостатокот на волја кај грчкото раководство за надминување на прашањето, но и за продолжување на практиката на директни средби меѓу двете држави. Што се однесува до македонската страна Иванов рекол дека е подготвена за активно и конструктивно учество во спорот со очекување да се почитува Времената спогодба и пресудата од Хаг.
Рикер претпладнево се сретна и со лидерот на најголемата опозициона партија СДСМ, Бранко Црвенковски.
Соопштението на партијата наведува дека Црвенковски дал свое видување на внатрешните состојби во земјата, со осврт на клучните области во општеството каде, „за жал, наместо напредок и примена на меѓународните стандарди, Македонија бележи назадување на реформските процеси“. СДСМ смета и дека е недозволиво однесувањето на Владата и премиерот Груевски, наведувајќи дека тој 4 месеци пред НАТО Самитот и’ соопшти на јавноста дека Македонија нема да добие покана за членство во Алијансата.
Рикер се сретна и со лидерот на ДУИ,Али Ахмети.