Државниот врв на Македонија се согласи да настапи на претстојната рудна разговори за разликите околу името закажана на 16-ти овој месец во Њујорк со барање да се почитува Времената спогодба и пресудата на Меѓународиот суд во Хаг.
„Република Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Република Грција за разликата околу името под покровителство на ОН. Наш интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале нашите евроатлантски интеграции. Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите, очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна“, се вели во сопштението од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов по двочасовната средба со премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Муса Џафери и претседателот на Собранието Трајко Вељановски и министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Според соопштението, Македонија е загрижена за стагнирање на суштинските разговори поради настаните во Грција и бара евроатлантската интеграција да се одвива без кочење.
„Република Македонија очекува од Република Грција да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во согласност со Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право“, се вели во соопштението.
Поранешниот амбасадор на САД во Македонија и актуелен подсекретар во Стејт департментот, Филип Рикер, преку Радио МОФ порача дека Македонија треба да се соочи со донесување на тешки одлуки.
„Македонија бара и сака да се приклучи на НАТО и таа ги исполни квалификациите за членство токму поради предностите што се стекнуваат со членството во НАТО. НАТО е бренд. Тоа значи стабилност. Тоа е можеби најуспешната алијанса во модерната историја. Токму затоа НАТО ја одржа политиката на „отворена врата“, а САД напорно работат на промоција на членството на Македонија во НАТО и сакаат да ја видат Македонија како членка на НАТО. Мислењето на Меѓународниот суд на правдата се однесува на спорот меѓу Грција и Македонија. Како што претходно кажавме и сè уште стоиме на тоа, ние се надеваме дека двете страни ќе го искористат ова мислење во насока на решавање на проблемот меѓу овие две земји. Тоа е и ставот на НАТО, што значи дека кога ќе се реши спорот со името, без разлика на тоа како земјите ќе одлучат да го решат, Македонија ќе напредува во поглед на нејзиното членство во НАТО“, изјавил Рикер за Радио МОФ.
Пораката да се најде што поскоро компромис за името денска од Атина испрати и амбасадорот на Кралството Данска Том Норинг, чија земја од 1-ви јануари годинава претседава со ЕУ.
Запрашан за очекувањата од претстојната рунда разговори во Њујорк, професорот и поранешен министер за надворешни работи Денко Малевски рече дека е тешко во оваа прилика да се очекува какво и да е поместување од актуелната статус-кво позиција поради отсуство на волја за напредок во процесот, како во Скопје, така и во Атина.