Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска реферираше за дипломатските активности на државата пред Комисијата за надворешна политика. Тој е оптимист дека наредната година ќе се деблокираат евроатлатските интеграции, закочени поради проблемот со Грција. Оптимизмот го базира на, како што рече, најголемиот успех на дипломатијата од изминатата година - пресудата на Меѓународниот суд во Хаг.
„Со оглед дека противењето на Грција беше единствената причина која што го попречи постигнувањето на консензус по прашањето на нашиот прием во Алијансата, Македонија очекува Грција целосно да го почитува словото и духот на пресудата и дека во согласност со нејзините меѓународно правни обврски таа нема понатаму да го блокира постигнувањето на консензус за наше членство во НАТО“, рече првиот дипломат во земјата.
Попоски коментираше дека новата влада во Грција досега не покажала волја да се надмине проблемот, но очекува тоа да се случи во актуелните политички констелации во таа држава.
„Секој натамошен обид на Грција за блокирање базиран врз спорот врз името ќе претставува прекршување на меѓународното право и непочитување на одлука на Меѓународниот суд на правдата. Македонија очекува од сите земји-членки да посветат должно внимание на одлуката и да ги согледаат сите аргументи за македонското членство во Алијансата. Притоа да се има предвид користа од враќањето на правната сигурност во односите помеѓу Република Грција и Република Македонија, што е од исклучително значење“, кажа Попоски во годишното обраќање пред собраниската Комисија за надворешни работи.
Во врска со перспективите за решавање на спорот со Грција, Попоски нагласи дека Македонија останува на конзистентниот став за продолжување на дијалогот што се води во рамките на ОН за изнаоѓање на прифатливо решение.
Зборувајќи за стратешките односи, Поповски ги потенцираше оние со САД.
„Билатералните односи со САД како стратешки партнер продолжуваат да се развиваат и продлабочуваат“, рече министерот. Тој очекува стратешкото партнерство со САД да се ефектуира и преку подршка од официјален Вашингтон за евроатлантските интеграции на Македонија.