Вицепремиерката за европски интеграции Теута Арифи денеска даде отчет за нејзината работа пред Националниот совет за европски интеграции. Арифи на пратениците им соопшти дека Владата е посветена на реформските процеси неопходни за напредокот на Македонија во европските интеграциски процеси.
Таа рече дека се донесени важни одлуки кои треба да резултираат со надминување на слабостите на кои укажа Европската комисија во Годишниот извештај за напредокот, а се однесуваат на администрацијата, судскиот систем, борбата против корупцијата и слободата на изразувањето.
Теута Арифи во оваа прилика најави дека Владата на денешната седница ќе усвои и Акциски план во кој ќе бидат наведени активностите кои институциите треба да ги преземат во текот на идната година за да се исполнат очекувањата на Европската комисија.
Во фокусот на дебатата која се отвори по излагањето на Арифи се најде проблемот со Грција кој го попречува стартот на преговорите. „Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг треба да послужи како мотив и поттик за Македонија и Грција да работат на взаемно прифатливо решение за спорот со името“, смета вицепремиерката Арифи.
“Ние треба да бидеме задоволни од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во исто време треба да го имаме в предвид фактот дека се работи за политичко прашање кое е чувствително, каде се бара желба и политичка волја која би била обострана за да се надмине овој проблем. Сметам дека дијалогот меѓу соседите е тоа што треба да води кон договор и спогодба, а не кон недоразбирање", рече Арифи.
Опозицијата ја критикуваше власат дека не успеала да обезбеди афирмација на пресудат од Хаг.
„Во период од само неколку дена имавме победа на меѓународното право и времената спогодба и наш дипломатски пораз бидејќи не успеавме ни да отвориме дискусија за Република Македонија на состанокот на премиерите. Ввеќе завршува 12-то претседателство со кандидатски статус за Македонија без почеток на преговори. Тоа стоење во место не` чини и пари и проблеми", рече Радмила Шекеринска , претседателка на Националниот Совет за европски интеграции.
Пратениците од владеачкото мнозинство сметаат дека критиките на опозиционерите се неосновани:
„Ако страната која ги блокира нашите пристапни преговори, тоа го прави на меѓународно нелегитимен начин, а истовремено спорот поради кој тоа го прави, не сака да вложи напор за негово разрешување во еден билатерален дијалог, тогаш нема дополнителна причина во рамки на ЕУ да не се работи на создавање околности, она што е продуктивно и заслужено да се случи,“ изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од владеачкто мнозинство ги повикаа своите колеги од опозицијата заеднички да работат на лобирање во наредните месеци со цел да се обезбеди прием на Македонија во НАТО под референцата ФИРОМ, а врз база на одлуката на Хашкот суд.
„Процесот не треба да се остави да тече само меѓу преговарачите, туку и ние треба да бидеме активни чинители, бидејќи ова прашање ја обременува целата земја, сите граѓани на Република Македонија“, рече Силвана Бонева, потпретседателка на Националниот совет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.