Линкови за пристапност

Нимиц планира посети на Скопје и Атина


Нимиц планира посети на Скопје и Атина
Нимиц планира посети на Скопје и Атина

Бара обете страни да демонстрираат позитивна атмосфера во активностите и јавните изјави.

Се чини дека нема конкретно придвижување кон решение по последните средби на медијаторот во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис изминатите два дена во Њујорк. Сепак, прес-службата на ОН јави дека Нимиц ќе ги посети Скопје и Атина.

Нимиц за два дена имаше по две одделни средби со преговарачите Јолевски и Василакис во неговата канцеларија во Њујорк, за да ги конкретизира деталите за евентуалните посети на Скопје и Атина. Овојпат не дојде до средба на тројцата заедно, што, навидум, е чекор наназад за приближување на ставовите.

Од македонското Министерство за надворешни работи вторникот навечер изразија жалење што по дводневните одвоени состаноци, не дошло до заедничка средба.

Грчкиот преговарач Адамантиос Василакис за Гласот на Америка, пак, рече дека средбите во Њујорк имале неформален карактер и немало потреба од заедничка средба. Шефот за односи со јавноста во грчката мисија во ОН, Никос Папаконстантинос, ни изјави дека на средбата со Нимиц биле истражувани нови можности за понатамошни преговори, со оглед дека Грција има нова влада, а Василакис изразил поддршка за мандатот на Нимиц за преговорите.

Нимиц во писмено соопштение најави дека ќе ги посети Скопје и Атина и ги оцени разговорите како конструктивни.

„На мое барање, одвоено и на неколку наврати се сретнав со обата претставника. Двете страни ги претставија позициите на нивните влади за прашањето околу `името`, онкви какви што се во моментов. Нашите дискусии беа корисни и фокусирани на оптималната можност како да се придвижи процесот нанапред на конструктивен начин.

Ми беа дадени цврсти уверувања дека обете влади се искрени во нивните интереси да најдат решение и дека целосно го почитуваат процесот во рамки на ОН“, се вели соопштението.

Посредникот на ОН истовремено побара Грција и Македонија да го спроведат во дело таквите интереси.

„Имајќи ги предвид ваквите гаранции, дополнително ќе се консултирам со обата претставника во однос на закажување на посети на главните градови на двете земји за да продолжиме со дискусиите. Како што се придвижуваме напред, побарав од обете страни да ја демонстрираат нивната посветеност за надминување на разликите преку промовирање на позитивна атмосфера во нивните активности и јавни изјави“, вели Нимиц.

За одлуката од судот во Хаг, Василакис, според грчките новинари присутни на разговорите во Њујорк, им рекол дека не носи промени во меѓусебните односи и оти Скопје и Атина мора да разговараат во дух на добра волја и да најдат обострано прифатливо решение. Тој, инаку, не сакаше да даде изјава пред камера по средбата. Јолевски, пак, изјави дека пред Нимиц го повторил ставот дека евроатлантската интеграција на Македонија е битна не само за земјата туку и за безбедноста и стабилноста во регионот:

„На средбата со амбасадорот Нимиц го информирав дека владата на Република Македонија останува посветена на процесот под покровителство на ОН да се најде взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на РМ и ќе биде во согласност со меѓународните норми и право. Исто така, го информирав Нимиц дека очекуваме одлуката на Меѓународниот суд за правда да придонесе за зајакнување на билатералните односи“, рече Јолевски.

Според информациите од овие два дена, може да се заклучи дека Нимиц не излегол со нов предлог за името, како и што се очекуваше, затоа што ова беше прва преговарачка рунда откако е формирана новата влада во Грција и средбите беа попрво испитување на пулсот кај обете страни.

XS
SM
MD
LG