Светлана Ристеска од Прилеп пред 35 години дипломирала на насоката новинарство. Од тогаш до денес, таа работи како новинарка во својот роден град. Но, во последните години, локалните медиуми и новинари се соочуваат со предизвикот за опстанок. Ристеска вели дека најголем проблем се финансиите.
„Јас сум косопственик на печатен весник што значи негово излегување во печатена форма. Тоа бара пари, односно средства, кои што треба ние да ги уплатиме уште пред да биде пуштенo во печат тоа издание и секако да обезбедиме плати за вработените во редакцијата. Имаме проблеми од природа што ние во Прилеп имаме колеги и колешки кои што немаат буквално регистрирано ниту еден ден работен стаж, а имаат работно искуство од над 35 години“, изјави Светлана Ристеска, новинарка и косопственичка на неделниот весник „Зенит“.
Друг проблем со кои се соочуваат локалните новинари е „зависното новинарство“ и самоцензурата, додава Ристеска.
„Имаме безброј теми кои што не смееме да ги елаборираме односно голема е таа самоцензура за да не наштетиме на некоја институција за таа да ни го заврти грбот, или уште помалку, да не ги налутиме локалните власти. Добивањето на средства, односно рекламите одат преку големите агенции кои што работат во државава и тие најчесто не гледаат интерес во еден локален печатен весник да дадат некоја реклама. Ние сме принудени да опстојуваме со продажба на весникот, со помошта која што ја добиваме од неколку општествено одговорни компании и секако со она што значи традиција да се одржува весникот и да го има како едно локално гласило“, вели Ристеска.
Новинарката и претседателка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, Кристина Озимец, за Гласот на Америка вели дека новинарите на локално ниво освен со финансиски, се соочуваат и со кадровски предизвици.
„Сигурно дека без финансиска поддршка не е можно да се работи новинарство. Уште повеќе, на овие медиуми на локално ниво очигледно дека финансиите се еден од главните предизвици. Меѓутоа, не се само тие. Од она што го гледаме како искуство од терен и како што кажуваат нашите колеги кои што работат на локално ниво се работи за кадровски предизвици, се помалку млади генерално се вклучуваат во новинарството, значи не само на локално ниво туку генерално и ние го гледаме тоа преку бројките на факултетите. Таму гледаме дека драстично, можеби десет пати намалени од некои десетина години претходно, така што сите тие работи, сите тие состојби влијаат како предизвик“, вели Кристина Озимец, новинарка и претседателка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
Озимец смета дека освен финансиска помош, на локалните медиуми потребна им е и едукациска поддршка.
„Треба интервенции на сите овие нивоа, значи треба помош за сите тие проблеми, не е само финансиска, верувам и едукациска поддршка, обуки повеќе и генерално едноставно да се насочи и медиумската заедница повеќе да ги фокусира своите напори таму, затоа што очигледно дека таму се соочуваат нашите колеги со најголеми предизвици“, додаде Кристина Озимец, новинарка и претседателка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
За предизвиците и улогата на локалните медиумски работници и проблемите со кои тие се соочуваат, се зборуваше на отворена дискусија во рамките на осмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје.
Facebook Forum