Пластиката која се наоѓа во езерото со тек на времето се распаѓа, станува микро пластика и рибите се хранат со истата, вели Никола Паскали, нуркач од нуркачкиот клуб „Акватек“.
Паскали додава дека секоја пластика е штетна.
„Сега најнов проблем што се рекламира е еко пластика, а тоа е пластика која за многу побрз период ќе се распадне. Истото го добиваме само побргу“, вели Паскали.
За да влијаат на намалување на ваквата појава, нуркачите од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид, дојдоа на идеја да направат канта за отпадоци во форма на риба каде луѓето ќе фрлаат пластика, наместо истата да завршува во езерото. Со тоа сакаат да придонесат кон подигање на јавната свест за заштита на најстарото езеро во Европа и живиот свет во него.
„Рибата се направи од метален отпад, кој се извади за време на нуркањата. Тоа се шипки и метални предмети, останати во најголем дел од старите платформи низ езерото, кои со текот на времето отпаѓаат“, додава Паскали.
Првата ваква канта е поставена во населбата Даљан на самиот езерски брег. Планираат поставување на слични вакви канти и на други места.
„Идејата е не ние да ги стимулираме луѓето да користат пластични шишиња, туку да ги стимулираме, кога ќе дојдат да ги посетат овие наши природни богатства, да се фатат за акција, да чистат и да го депонираат својот отпад“, вели Паскали.
И граѓаните сметаат дека идејата е одлична.
„Се заштити езерото, се заштити околината околу него. Ѓубрето се собира. И помладите и постарите и најмладите да го одржуваат, да се чува, да не се растура“, вели Јоце Николовски, жител на Охрид.
А токму пластиката е најзастапен вид отпад во Охридското Езеро. Охридското Езеро кое е специфичен базен со вода е под сериозен удар вели Никола.
„Најмногу имаме пакување од прехранбени производи и пластични шишиња. И затоа апелираме да се направи некој систем, барем во заштитените подрачја да нема дотур на течности во пластична амбалажа. Затоа ние мора да се промениме ако сакаме да ги зачуваме овие наши богатства“, додава Паскали.
Алармантни се податоците и на Заводот за статистика, дека во земјава дневно се произведуваат повеќе од еден милион пластични шишиња и 18 тони најлонски ќеси.
Facebook Forum