Анаклија на грузискиот брег на Црното Море е повеќе од мало крајбрежно одморалиште. Тоа треба да стане мегапристаниште длабоко во море - изградено и управувано од кинески фирми.
Минатиот месец грузиската влада му додели на кинеско-сингапурски конзорциум удел од 49 отсто во проектот, за кој се смета дека вреди неколку милијарди долари.
Најавата беше објавена еден ден откако владата го усвои контроверзниот закон кој се смета дека се наклонува кон промосковски авторитаризам - што предизвика улични протести.
„Шпекулациите се, и мислам дека се добро основани, дека грузиската влада размислува за можноста да ги загуби западните инвестиции и да ги компензира со пари од Русија и Кина“, вели Гига Бединеишвили, од Бизнис факултетот на Слободниот универзитет од Тбилиси.
Пристаништето требаше да го гради заеднички американско-грузиски конзорциум. Но, владата го откажа договорот во 2020 година.
Конзорциумот и владата се обвинуваат меѓусебе. Пристаништето би ѝ овозможило на Кина пристап до трговскиот пат кон Европа што ја заобиколува Русија, која сега е силно санкционирана од Западот по инвазијата на Украина.
Но, критичарите стравуваат дека проектот би можел да ја остави Грузија во таканаречената „замка за долг“ – да не може да ги финансира кинеските заеми што се користат за плаќање на инфраструктурата.
„Грузиската влада поседува 51 отсто без да има пари за тоа. Парите ќе ги позајмат за исполнување на обврските што ги имаат со овие 51 процент. И јас сум прилично сигурен - сè уште не е факт - но прилично сум сигурен дека тие пари ќе дојдат и од Кина. И ќе завршиме во ситуација како што заврши Шри Ланка, или Филипини или Малезија“, укажува Тинатин Кидашели, претседавачка со Цивик ИДЕА.
Кина веќе има присуство во Грузија – вклучувајќи и огромен трговски центар, хотелски и станбен комплекс од 420 хектари. Во изградбата на нови автопати се вклучени и кинески компании.
Во 2023 година, Грузија потпиша договор за стратешко партнерство со Кина - и е дел од иницијативата „Појас и пат“ на Пекинг.
Но, директните кинески инвестиции во Грузија се релативно мали, со нешто повеќе од 47 милиони американски долари во 2023 година, само мал дел во споредба со европските и американските инвестиции.
„Каде и да одите, имате кинески компании кои работат. Во реалноста, ништо од тоа не е инвестиција. Сето тоа се пари од грузискиот (државен) буџет, кои им се доделуваат на изведувачите, кој и да победи на тендерот. А реалноста за грузиското наддавање е дека секој договор кој е над 100 милиони долари обично го добива кинеска компанија“, додава Кидашели.
Грузиската влада вели дека Кина може да стане нејзин водечки трговски партнер. Други повикуваат на претпазливост.
“Кина и Русија, кога прават такво нешто, тие имаат стратегија. Сакаат да инвестираат за потоа да имаат политичко влијание и да имаат влијание врз локалната ситуација. И затоа, треба да бидеме внимателни со тоа“, вели Бединеишвили.
Грузиската влада негира дека сака да се оттргне од Западот. Нејзиниот премиер рече дека кинеската инвестиција во пристаништето Анаклија гарантира дека проектот ќе се спроведе „на највисоко ниво“.
Facebook Forum