Кога тогашниот претседател Доналд Трамп го потпиша Договорот за Соединетите Американски Држави, Мексико, Канада во 2020 година, фармерот од Илиноис, Дејвид Ајзерман, го сметаше тоа како позитивен потег за трговската политика на САД.
„Тоа беше нешто што требаше да се направи, бидејќи имаше проблеми“, вели Ајзерман.
Но, најновите објави на Трамп на социјалните мрежи кои предлагаат царини против Канада и Мексико ќе ги прекршат условите на тој Договор, и би можеле да влијаат на цената на пченката и сојата - производи што САД ги извезуваат во тие земји, кои се клучен извор на приход за земјоделците како Ајзерман.
„Проблемот со тарифите е тоа што поттикнува реваншизам“, додава Ајзерман.
„Кога би вовеле ваков вид ад хок тарифи, многу од нашите трговски партнери би се одмаздиле“, смета Кимберли Клаузинг, економистка на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.
„Ниту една богата земја не се потпира на тарифите како значителен извор на приход“, додава Клаузинг.
„За мене најубавиот збор во речникот е тарифа“, рече Трамп во предизборието.
Говорејќи за Економскиот клуб од Чикаго додека водеше кампања за претседател во октомври, Трамп истакна зошто верува дека царините и помагаат на американската економија.
„Број еден е заштита на компаниите што ги имаме овде затоа што ќе имаме илјадници компании кои доаѓаат во оваа земја“, додаде тогаш Трамп.
Во извештајот од јуни 2024 година, надпартиската непрофитна даночна фондација покажа дека тарифите наметнати на производи вредни околу 380 милијарди долари за време на првата администрација на Трамп ги чинеа Американците околу 80 милијарди долари нови даноци.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден ги задржа повеќето од тие тарифи и додаде околу 18 милијарди долари нови царини за кинески стоки, вклучувајќи полуспроводници и електрични возила.
Фондацијата за даноци вели дека тарифите воведени во последните седум години го намалиле БДП за 0,2 отсто и згаснале околу 140.000 работни места во САД.
„Тарифите не се предност за земјоделците од Илиноис или за американското земјоделство, воопшто“, вели Рајан Вајтхаус, директор на националното законодавство при Бирото за фарми во Илиноис, кое ги промовира интересите на земјоделците во Конгресот.
Во 2019-та, Кина воведе одмазднички тарифи за извозот на соја од САД, што доведе Пекинг да се сврти кон други добавувачи.
Оваа година, уделот на Кина во увозот на соја од САД е 18%, што е намалување од 40% во 2016 година, додека податоците на кинеската царина покажуваат дека уделот на Бразил пораснал на 76%.
Вајтхаус е загрижен дека новиот бран одмазднички тарифи ќе им наштети на американските фармери на пченка и соја кои веќе се справуваат со ниските цени.
„Ако го погледнете патот на претходната администрација на Трамп, тоа е пат што предизвикува одредена загриженост. Сакаме да се погрижиме да ги отвориме тие пазари, а не да ги затвораме“, додава Вајтхаус.
„Ќе имаме најголем трговски дефицит во земјоделството долго време“, смета фармерот Ајзерман кој се надева дека деликатните разговори за новите тарифи нема да се претворат во акција што може да влијае на неговиот приход.
Историјата покажува дека тука нема победници.
Facebook Forum