Речиси 15 илјади санкции се воведени против руската влада, поединци и компании во годината по руската инвазија на Украина.
Сепак, руската економија продолжи да расте. За тоа придонесува воената помош од Северна Кореја и Иран. Има и креативна руска техника.
„Русија е доста креативна во експлоатацијата на полуспроводници од машини, како фрижидери или други производи за домаќинството. Тие ги вадат полуспроводниците и чиповите од овие апарати за домаќинство и ги користат во воена опрема“, вели Клаус Ларес од Центарот „Вудроу Вилсон“.
Многу бизниси, исто така, ја бојкотираат Русија. Од Прада до ИКЕА и ЕлЏи, над илјада брендови ја ограничија својата работа во Русија или ја напуштија земјата.
Русија го надмина сето ова, делумно со зајакнување на односите со Кина.
Кинескиот извоз во Русија порасна за над 120 отсто од 2021 година. За возврат, руската нафта тече во Кина.
„Од кинеска гледна точка, се работи за извоз и увоз. Во однос на увозот, тие станаа единствениот најголем клиент во светот за руската нафта и јаглен“, вели Кенет Померанц од Универзитетот на Чикаго.
Западните санкции ги замрзнаа средствата на Руската централна банка, поставија лимит на цената на руската нафта и го затворија воздушниот простор на ЕУ за руските авиони.
Сепак, руската економија продолжува да расте.
„Треба да ѝ се даде кредит на Централната банка на Русија, бидејќи иако нејзините резерви во странство беа замрзнати, таа се справи со вестите и брзо почна да презема голем број различни чекори за да ја поправи ситуацијата“, смета Владимир Дашкеев од универзитетот на Сиетл.
Русија, исто така, ги заобиколи санкциите со внесување на западни стоки преку соседните земји како Грузија, Белорусија и Казахстан.
И покрај санкциите, Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми прогнозата за раст на Русија за оваа година од 1,1% на 2,6%.
Facebook Forum