Стотици муслимани од различни националности кои живеат во Вашингтон, Вирџинија и Мериленд се собираат во американскиот верски центар Дијанет за заеднички оброк што секојдневно тука се подготвува во текот на месецот Рамазан.
Најмногу посетители има за време на викендите. Редиците се долги. Според директорот на центарот Ахмет Салих Бајрактар, меѓу пет до шест илјади оброци овде се служат во викендите, додека во работните денови таа бројка изнесува од 1.500 до 2.000.
„Секоја година центарот Дијанет во Америка организира спонзорирана ифтарска програма. Како што можете да видите овде имаме луѓе од различни националности. Од првиот до последниот ден од Рамазан се дели бесплатна ифтарска вечера која што ја обезбедуваме преку спонзорства, донации од организации и од побогати муслимани. Ова е многу разновидна средина за споделување на љубов и благослов и покажување на лицето на исламот во САД, на муслиманите и немуслиманите подеднакво“, вели Ахмет Салих Бајрактар, Директор на американскиот верски центар „Дијанет“.
Ифтарската вечера ја подготвуваат искусни готвачи, а за целата организација е ангажирана армија од волонтери кои се среќни да помогнат со што можат, вели заменик-претседателката на одборот на верскиот центар Дијанет, Сибел Озкан.
„Кога почнавме да размислувавме за вклучување доброволци, мислевме дека тоа ќе бидат млади луѓе, но се покажа дека и многу возрасни, на педесетина години возраст, сакаат да помагаат. Ова е голем напор за сите нас, но најголемиот товар го изнесуваат нашите волонтери. Без нив, ова не би било можно. Вечерва имаме повеќе од 1.000 луѓе, но сме виделе и денови кога доаѓаат од 1.500 до 3.000 верници. Невозможно би било да се изведе ваква операција за која било институција, ако се ангажираат само вработените. Волонтери ни се потребни зашто имаме големи муслимански заедници во Вирџинија“, изјави Сибел Озкан, Заменик-претседателка на одборот на центарот „Дијанет“.
Најголем дел од верниците доаѓаат со своите семејства и под сенките на минарињата од џамијата во Мериленд го прекинуваат постот и седнуваат на вечера. Еден од нив е и Јусуф Кхан, кој живее во Вирџинија, а потекнува од Бангладеш.
„Месецот Рамазан е свет празник. Тоа е време кога славиме и му се молиме на Бога, на Алах. Поминуваме многу време со семејството и пријателите, си разменуваме подароци, а со секое зајдисонце го прекинуваме постот и се трудиме да јадеме добра храна со пријателите и семејството и заедно се молиме. Во текот на целиот ден постиме и се трудиме да правиме добри работи. Ние живееме на час и половина од тука, и се обидуваме да дојдеме овде секоја година. Тоа го правиме веќе од 8 години. Убаво е, средината е убава, луѓето се срдечни, и храната е вкусна“, рече еден од посетителите, Јусуф Кхан.
На празникот се чини сепак најмногу му се радуваат младите.
„Постиме и уживаме во времето со семејството и пријателите. На крајот од денот заедно вечераме. Овде е забавно, навистина уживам“, вели Акрам, посетител на верскиот комплекс.
Околу 1,6 милијарди муслимани ширум светот го одбележуваат светиот месец Рамазан. Муслиманите не јадат и не пијат во текот на дневните часови - постат од изгрејсонце до зајдисонце. Од постот се ослободени бремените жени и доилките, болните и постарите лица, како и децата. На крајот на месецот Рамазан, муслиманите го слават Рамазан Бајрам, кој означува завршеток на едномесечниот пост. До следната година.
Facebook Forum