Ова е Мариупол. Пред три години, градот со половина милион жители беше опустошен од руските сили и сè уште е под руска окупација.
Јевген Тузов живеел во Мариупол пред војната, каде што бил спортист и позната јавна личност во приморскиот град.
„Мариупол порано беше прекрасен град, сега останаа само урнатини од него“, вели Тузов.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека неговата влада не се откажала од Мариупол. Во своето новогодишно обраќање до нацијата, тој рече цитирам: „Не се откажуваме од тоа што е наше. И не ги забораваме нашите луѓе. Оние кои се во заробеништво. И ние ќе се бориме за секој човек кој, за жал, се` уште е таму“.
Тузов повеќе не е во Мариупол. Тој сега живее на околу 300 километри северозападно, во Днепар, но одржува контакт со Украинците кои живеат под окупација. Тој вели дека Русите веќе почнале да го обновуваат Мариупол, а делови од градот се големи градилишта.
Домовите на локалните жители се заменети со комплекси со скапи станови за продажба. Неколку жители се чувствуваат истиснати, како што се гледа на видеата објавени на социјалните мрежи.
„Домовите ни се урнати, а на нивно место се градат станови за продажба. Веќе три години изнајмуваме места и живееме во студентски домови и засолништа. Има десетици и десетици илјади од нас“, вели жителка на Мариупол.
„Куќите на левиот брег се близу до морето. Ова е прекрасна област што одредени луѓе јасно сакаат да ја имаат за себе, да изградат станови таму и да ги продаваат. Ќе завршиме на улица“, додава друга жителка.
Тузов вели дека многу новодојдени Руси купуваат евтини недвижнини покрај море.
„Бидејќи за Русите кои доаѓаат да речеме од Москва или Санкт Петербург, цените се неверојатно евтини... Но ве молиме запомнете дека е многу веројатно поранешниот сопственик на вашиот стан да е закопан во дворот на вашиот нов дом“, додава Тузов.
Руските сили го окупираа и градот Мелитопол во регионот Запорожје, набргу по инвазијата на Украина. Оттогаш мештаните живеат во постојан страв, вели поранешната жителка Олга Леонтиева.
„Оние кои останаа под окупација веруваа дека брзо ќе бидат ослободени. Сега, кога разговарам со некои од нив, сè уште има надеж, но тие се плашат да зборуваат за тоа - знаат дека многу телефони се прислушувани. Многу се плашат“, вели Леонтиева.
Украинците во окупираните градови се принудени да земаат руски пасоши. Без нив, не можат да добијат медицинска помош или да купуваат лекови во аптеките.
„Знам една жена, таа е многу болна, имаше рак... Ми се јави и плачеше, рече дека мора да земе руски пасош бидејќи лекарите одбиле да ѝ помогнат“, додава Леонтиева.
Локалните училишта се вклучени во руска асимилација на учениците за да им го одземат украинскиот идентитет на децата, вели Светлана ван Бентем, истражувач и адвокатка која специјализирала право во вооружени конфликти на Универзитетот на Оксфорд.
„Гледаме дека образовниот систем се користи како оружје против украинскиот идентитет на окупираните територии. Украинските книги се уништуваат и се заменуваат со руски; наставниците се заплашуваат“, посочува Ван Бентем.
И покрај сето ова, има многу Украинци во заземените градови, надевајќи се на прекин на борбите и руската окупација.
Facebook Forum