Во генерално мирна атмосфера и со поголем одзив за парламентарните, отколку за претседателските избори – така поминува денешниот изборен ден. Според податоците на Државната изборна комисија до 15 часот излезеноста за претседателските е нешто над 32 проценти, а за парламентарните избори е речиси 37 отсто. Разликата од скоро 5 проценти на територијата на целата држава се должи на значително помалиот одзив за претседателските избори во средините каде доминира албанската заедница.
На пример, во Тетово излезеноста за парламентарните избори е 38 отсто, а за претседателските само 21 процент. Слична е ситуацијата и во Сарај – за претседател до 15 часот излегле да гласаат само 12 отсто од впишаните избирачи, додека за парламентарните избори тој процент е речиси 34. Во скопски Чаир за изборите за пратеници излегле да гласаат околу 34 проценти од избирачите, а за претседател само 20 отсто. Дел од актуелните политичари од албанскиот блок, на социјалните медиуми, во живо, пренесуваа како се појавуваат на избирачките места и земаат само едно гласачко ливче – она за парламентарните избори.
Дел од пораките на Државната изборна комисија беа и до избирачките одбори дека треба да им објаснат на гласачите дека имаат право да изберат дали ќе земат едно или две избирачки ливчиња и дека граѓаните имаат право само еднаш да се појавата и да гласаат на избирачкото место.
Facebook Forum