За прв пат по четири децении, каталонските сепаратисти не успеаја да освојат мнозинство на регионалните избори. Победи кандидатот на Социјалистичката партија на Каталонија, што им донесе олеснување на оние кои не сакаат да видат поделена Шпанија.
„Каталонија и Шпанија ја надминаа таа темна фаза од нашата историја“, вели Давид Ескуде, политичар.
Има многу причини за поразот на сепаратистите на овие избори.
Луѓето на улиците на Барселона го изразија очекуваното - многумина се уморни од политичката конфронтација која се покажа како беспредметна.
„Мнозинството од каталонскиот народ е малку уморен од ова прашање. Ние сакаме многу работи за Каталонија, но не гледаме дека владата работи добро, за да ги реализира“, вели Карлос Мехивар, жител на Барселона.
„Мислам дека луѓето се деморализирани. Едно време, кога идејата беше популарна, ги подржував, но граѓаните сега се обесхрабрени“, додава Мариа Бонила, жителка на Барселона.
Дебатата за независност е далеку од завршена, а сепаратистите сега застануваат на страната на сегашната владејачка партија на Каталонија, која се залага за референдум за независност.
„Мора да ја анимираме волјата за преговарање и да имаме договор за референдум. Треба да се договориме за начинот на кој граѓаните одлучуваат кој е најдобриот предлог за иднината“, вели Мериксел Серет, министерка во Владата на Каталонија.
Патот на консензуален референдум за независност меѓу Барселона и Мадрид, сметаат некои набљудувачи, останува единствениот реален пат за националистичките аспирации - доколку сепаратистите успеат да ја вратат довербата и вниманието меѓу гласачите.
Facebook Forum