Линкови за пристапност

Радикализација на протестите против рудникот Иловица


„Доколку до вторник 16 октомври, Владата не се изјасни за нашите барања, протестите ќе се радикализираат. Во договор со сите граѓански иницијативи на Југоистокот, ќе протестираме, а ќе поставуваме и блокади и на регионално ниво!“ вели Стојан Велков од невладината организација „Здрава котлина“.

Активистите за здрава животна средина од Југоистокот на Македонија истакнуваат дека политичката цена на рудникот Иловица-Штука ќе биде сѐ повисока како што минува времето и дека ниту една партија нема да ја има нивната доверба на изборите, сè додека не се одземе концесијата за рудникот.

„Здрава котлина“ од Струмица, „Еко долина“ од Ново Село, граѓанската иницијатива „Спас за Струмичка котлина – СТОП за рудникот на смртта“, минатата недела испратија последен ултиматум до надлежните институции, со наслов „Решете го рудникот на смртта или народот ќе го реши!“

Во јавното барање до Владата и до Собранието, „како две најважни институции, законодавна и извршна власт, кои ја носат најголемата одговорност за состојбата во државата“, борците за заштита на животната средина потенцираа дека во духот на нивната натпартиската определба, нив не ги интересираат „партиско - политичките со-односи во Собранието и во Владата“, туку се обраќаат на функционерите во клучните државни институции на системот, „избрани, именувани и под заклетва да ја остваруваат својата основна и суштинска функција: да работат за добробит и во заштита на сите граѓани на Републиката, без оглед на политичка, верска, национална или каква било друга припадност“.

Потенцирајќи ја „огромната закана од рудникот Иловица-Штука за регионот, и неверојатниот број доделени рударски концесии само во Источна Македонија“, активистите наведуваат дека премиерот сѐ уште не го исполнил предизборното ветување дека нема да се отвораат рудници и не го исполнил ни рокот што сам го определил (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудниците; дека Владата и Собранието не ја почитуваат ниту јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село каде излезноста беше 32.56% и 39.51%, а над 98% од граѓаните што гласаа беа против, ниту јасно изразената волја на граѓаните на Струмица и струмичко на големиот протестен марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото „Да го сопреме, пред да нѐ сотре!“; дека владејачката коалиција но и опозицијата во август годинава го оневозможиле изгласувањето на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, што веќе 11 месеци чека да биде усвоен во Собранието; како и дека „концесионерот на рудникот Иловица-Штука ‘Еуромакс Рисорсис’ - веќе две години функционира надвор од законите, шири опасни дезинформации за наводната безопасност на рудникот, спроведува незаконски кампањи, агресивно злоупотребува хуманитарни и спортски настани и организации, и е извор на корупција по сите основи“.

Активистите обвинуваат и дека поединци од претходната и сегашната власт го штитат концесионерот, притоа кршејќи ги сите меѓусебни договори, законите и Уставот, а дека локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица не ја остваруваат својата основна функција да се стават во заштита на граѓаните.

„Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот сѐ уште не е решен!“, порачаа активистите, кои како последен рок за властите до кој треба да се реши проблемот со „рудникот на смртта“, го определија вторник 16.октомври кога треба да има редовна седница на Владата. Тие бараат Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис, а Собранието да ги усвои измените на Законот за металични и минерални суровини.

Според „Здрава котлина“ доколку нема позитивно решение на нивното барање, тоа ќе значи дека „државата не сака или не може да ги заштити своите граѓани од потенцијално загрозување на имотот и животите“ и порачаа дека ќе го повикаат народот „сам да се заштити и сам да го реши проблемот“.

„Нашите следни чекор се јасни. Намерно направивме пауза од две недели, за да поминат активностите околу референдумот за Договорот со Грција, токму за да не нѐ ставаат во политички контекст, оти нашиот протест нема политички обележја. Се работи за граѓански револт, против загадувањето на животната средина и загрозувањето на здравјето на денешните и на идните генерации. Доколку до вторник 16 октомври, Владата не се изјасни за нашите барања, протестите ќе се радикализираат. Во договор со сите граѓански иницијативи на Југоистокот, ќе протестираме, а ќе поставуваме и блокади и на регионално ниво! Од таканаречената, консултативна средба на 20 јули, ништо не се случува! Имаше индиректни, па и директни предупредувања до поединци, но тоа не беше нешто официјално, туку, се работеше за заднински притисоци. Нам никој ништо не ни кажува, никој од власта не се изјаснува, не излегува со јасен став... Ако решат да има рудник кој ќе ја загадува нашата животна средина, нормално, народот ќе се крене и ќе реагира. Сѐ што работиме е во согласност со законите, но нам пред сѐ, главен интерес ни е здравјето на граѓаните на овие простори!, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, активистот Стојан Велков од невладината организација „Здрава котлина“

Концесионерот „Еуромакс Ресоурсис“, како одговор на обвинувањата на активистите, испрати соопштение во кое се потенцира дека компанијата ги почитува и применува највисоките ЕУ стандарди и мерки за заштита на животната средина.

„Како македонска компанија, која е поддржана од меѓународни акционери, ја почитуваме секоја домашна иницијатива и активност, кои без манипулација и извртување на фактите, се во функција на заштитата и унапредувањето на човековата средина и здравје. Посветени сме на унапредување на животната средина преку развој на модерен рудник на можности, односно, рудник кој ќе го унапреди животниот стандард, како на локалното население, така и на државата... Но, мора да реагираме кога во име на активности за заштита на човековата средина, одредени еколошки здруженија и активисти ги злоупотребуваат политичките случувања во државата, со цел да наштетат на нашиот проект, во чиј дизајн и развој се внимава на највисоките меѓународни и домашни стандарди за заштита на животната средина“, пишува „Еуромакс Ресорсис“.

Во јуни годинава, во говорот пред инвеститорите на Третиот економски форум за рударство и истражување „Minex Europe 2018“, вицепремиерот Кочо Анѓушев, истакна дека во Македонија „во последно време се појавуваат негативни чувства кога ќе се спомне рударството. Тоа се темели на со години неодговорното однесување на неодговорни концесионери во земјава. Концесионерите и централната власт мора повеќе да работат со локалното население и да им објаснат дека има технологии и техники кои не се штетни за околината“.

„Убеден сум дека негативното чувство кое се јавува кај населението кога ќе се спомне зборот рударство ќе го надминеме сите заедно. Мораме да им кажеме на локалните заедници и на граѓанските организации кои се бенефитите од рударството, без да имаат штета по нивното здравје или околина. Треба особено да им објасниме дека нема штета врз земјоделските производи, бидејќи се загрижени ако постои рудник во нивната околина. Се надевам дека како инвеститори ќе препознаете дека Македонија оди во насока на евроатлански интеграции кои значат стабилност, безбедност и стандарди“, истакна тогаш Анѓушев

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG