Во рударската индустрија во Македонија работат околу 13.000 вработени, а индустријата учествува со околу еден процент во бруто домашниот производ. Тоа е релативно мал удел во севкупната економска активност, но производството на метали придонесува со над 260 милиони евра вкупен извоз од Македонија.
Затворањето на рудниците Тораница во Крива Паланка и Злетово од Пробиштип создаде загриженост за иднината на најавените инвестиции во рударството. На најавата за отворање на нов рудник за бакар „Кадиица метал“ кај Пехчево од страна на рускиот гигант „Солвеј“ дојде со надеж за отворање голем број работни места.
Но Николајчо Николов од Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора на Македонија преку Скајп ни кажа дека не верува оти тоа ќе биде реализирано во скора иднина
„Се работи за скапи инвестиции. Треба да се створат не само услови во Македонија туку и светски услови. Цените на металите се најниски во последниве 15 години, и тоа го прави своето. Но од друга страна има друга логика. Многу инвеститори се решаваат да инвестираат затоа што цените на металите се пониски, затоа што самите инвестиции се помали. Очекуваме негде раздвижување во 2016 та, иако јас не очекувам реално да дојде до отворање на нов рудник, освен рудникот „Казан дол“ кој е релативно мала инвестиција за рударскиот сектор.
Со овој аргумент се согласува Стив Шарп, претседател и извршен директор на компанија која најави инвестирање во рударската индустрија во Македонија. Тој вели дека „Еуромакс Рисорсис“ е подготвена да започне со ископ на злато и бакар од рудникот „Иловица“, кај Струмица, во втората половина на 2016-та: „Дури и со сегашната цена на златото, проектот е економски исплатлив. Ако рудникот постои 20 години, ќе доживее неколку бизнис циклуси на пазарот на суровини. Но имајќи ја во предвид ниската цена на производството ќе можеме да работиме рентабилно.“, вели тој.
Според Шарп, рудникот ќе донесе економска преродба во Македонија и пошироко во регионот, со инвестицијата од 430 милиони долари и 500 нови вработувања.
Тој вели дека во Европа е тешко да се добие дозвола за отворање рудник, заради загриженост за животната средина. Но тој додава дека кај „Иловица“ нема место за таква загриженост, бидејќи новите методи на ископ и преработка во рудата се унапредени во споредба со постојните рудници: „Никој во регионот нема видено како современото рударство изгледа. Мислам дека сите ќе бидат изненадени од тоа колку современото рударство е чувствително за животната средина. “
Па сепак, токму еколошката загриженост, на друга канадска компанија, „Елдорадоголд“, и` донесе суспендирање на работата во рудникот „Скуриес“ на Халкидики се додека не се реши случајот покренат од грчката влада.