Линкови за пристапност

Продолжуваат конфронтациите околу „рудниците на смртта“


Разочарани од средбата со претставниците на Владата, на ЕБОР и на компанијата Еуромакс Рисорсис, околу рудникот за бакар и злато Иловица, активистите за здрава животна средина најавуваат блокада на патишта и гранични премини и кривични пријави

Разочарани од средбата со претставниците на Владата, на ЕБОР и на компанијата Еуромакс Рисорсис, околу рудникот за бакар и злато Иловица, активистите за здрава животна средина најавуваат блокада на патишта и гранични премини и кривични пријави.

Откако измените на Законот за минерални суровини, кои ја поминаа Законодавно-правната комисија, повторно беа ставени на дневен ред во Собранието, со предлог за донесување по скратена постапка, претседателот на Асоцијацијата за рударство при Стопанската комора (МАР) Николајчо Николов, излезе со став дека продолжува хајката против рударскиот сектор, и дека измените се неправедни, селективни и нестручно предложени, како и дека се тенденциозни и не дозволуваат развој на рударскиот сектор.

Тој побара да се повлече спорниот предложен член кој не дозволува отворање рудници со отворен коп, кои во производниот процес за обработка на рудата, користат цијанид или сулфурна киселина.

Претседателката на партијата ДОМ Лилјана Поповска, која е еден од предлагачите на законските измени, негираше дека измените на Законот се неприменливи, и потенцираше дека се подготвувале со месеци, дека се логични и во насока на заштита на животната средина и на здравјето на граѓаните.

Според неа, измените содржат забрана за цијаниди и сулфурна киселина при лужење и флотација во површински рудници за металични минерални суровини, потоа, обврска во техничката документација да стои јасно за какви постапки и хемикалии станува збор, како и обврска за финансиска гаранција на концесионерот во случај на еколошка катастрофа.

И додека претседателот на МАР Николов најави дека ќе јадел грозје одгледано до рудникот „Бучим“, како пример кој ќе докаже дека тој рудник не ја загадува животната средина („Купивме лозје од 5 декари и го негуваме и ветувам дека ќе се напијам вино од тоа грозје, или ќе го јадам“, е неговата изјава која ја пренесоа медиумите), Поповска реплицира дека „Македонија е мала за големите амбиции на рударскиот сектор“ и дека „не е во ред да се отвораат рудници во Македонија на секои десет километри“.

„Ако се докаже дека рудниците се тие што ја загадуваат животната средина, први ќе се повлечеме. Но, треба тоа да се докаже. Нашите сознанија говорат дека и покрај долгогодишната работа на актуелните рудници нема регистрирани професионални заболувања, ниту пак има зголемен број на болни од болести кои би биле предизвикани од рудниците“, дециден е Николов.

Паралелно со конфронтациите околу Законот, по четиричасовната консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица-Штука, што се одржа во Струмица, а со која претседавал премиерот Зоран Заев, со учество на претставници од ресорните министерства, градоначалници и претставници на локални самоуправи, локални заедници и граѓански организации и здруженија, како и технички експерти, претставници на Европскатва и рзвој (ЕБОР) и на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, Владата излезе со соопштение.

Според Владата, заради намалување на ризиците и загриженоста на локалното население во регионот, цијанид и сулфурна киселина нема да се користат, туку „помалку штетни хемикалии“, а ќе се формира независно тело за мониторинг, кое ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.

„Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со три отсто од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2.700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион“, се вели во соопштението на Владата.

Но, веднаш остро реагираа активистите, претставници на еколошките здруженија кои присуствуваа на средбата.

Костадин Ристоманов од „Еко долина“ од Ново Село, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека благодарение на премиерот Заев, средбата имала за нив задоволувачки тек, но, соопштението на Владата и објавата на премиерот на неговиот Фејсбук профил, ги шокирале.

„Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ беше недопирлива за прашањата на рудниците и еколошките проблеми, но тогашната опозиција, а сегашна власт, уште на локалните избори нé охрабруваше дека `рудници во земјоделски краеви се нонсенс`. И ние им верувавме. Особено затоа што на средбата ги изнесовме сите наши агрументи и сомневања по кои, сигурен сум, секоја Влада која води сметка за здравјето на граѓаните и за животната средина, би ја одзела концесијата. На средбата, претставниците од Рударско-геолошкиот факултет од Штип и Градежниот факултет од Скопје, како и претставниците на ЕБОР и од фирмата ’Еуромакс’ немаа одговори на нашите прашања, а премиерот Заев предложи заклучоци според кои, двете страни изнеле аргументирани ставови, а консултациите ќе продолжат во август. За тоа постои и видеозапис и аудиоснимка која и ние ја имаме“, дециден е Ристоманов.

„Сепак, според соопштението на Владата, присутните на средбата наводно се согласиле за формирање на некакво тело за мониторинг, што би значело дека и ние еколозите сме за продолжување на постапката за отворање на рудникот. Ние знаеме дека на сите наши неодговорени прашања од надлежните (дали ’Еуромакс навреме ги понел сите документи за барање за дозвола за работа во јули 2016, дали ги обезбедил средствата за обештетување на шумите кои треба да се исечат за рудникот од 12-13 милиони евра, и дали како концесионер има ревидиран основен проект за рудникот), одговорите се негативни. Затоа секојдневно се сретнуваме и најавуваме протестен марш и блокада на патот Струмица - Ново Село и на граничниот премин кон Бугарија. Како и блокада на уште три гранични премини, со еколозите од Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци, и во соработка и со еколози од Грција“, рече Ристоманов во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, и најави и кривични пријави за одговорните лица кои го прекршиле Законот во 2016-та, кога концесионерот барал дозвола за работа.

Активистите жестоко обвинуваат дека Владата дала дозвола „за стартување на геноцидот во Југоистиочниот регион“.

И организацијата „Здрава котлина“ од Струмица најави дека „нема да учествува во никакво мониторинг тело за следење на работата на рудникот, бидејќи не прифаќаме рудник да се отвори.

Според организацијата, сооопштението на Владата е манипулативно поради тоа што тие не дале никаква согласност за учество во било какво тело за отворање на рудник и никогаш нема да имаат заедничка цел со нивниот ’потенцијален гробар’ - „Еуромакс“.

„Наша недвосмислена, директна, единствена и непроменлива цел е рудник во Иловица-Штука да нема. Од таа цел нема да отстапиме никогаш и по ниедна цена и тоа повеќепати сме го нагласувале. И Владата и ’Еуромакс Рисорсис’, а се надеваме и јавноста, конечно ќе сфатат дека ние не се бориме за никакви лични позиции или материјални придобивки, туку исклучиво за сопирање на најголемата опасност во историјата на Струмица и струмичко - Рудникот на смртта Иловица-Штука“, порачуваат од „Здрава котлина“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG