Линкови за пристапност

Граѓаните против „рудниците на смртта“


По најавата за можен раскин на концесијата за рудникот Казандол, заштитниците на човековата средина ликуваат, но има и ставови оти бркањето на инвеститорите ќе презвика огромни штети

На својата 58 седница Владата го задолжи Министерството за економија, во рок од седум дена да изготви информација за степенот на изграденост и за исполнетоста на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“, како и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини, доделена на 20.7.2015 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски потенцираше дека „се констатирани се многу неправилности и има сериозни индиции дека не се исполнети сите услови во договорот за концесија“ и дека тој смета оти постојат правни основи договорот да биде раскинат.

Така, спорниот рудник „Казандол“ што ги загрозува општините Валандово, Богданци и Дојран, можеби ќе биде сопрен уште во фаза на изградба и нема да проработи, ако Владата изнајде правно издржано за раскинување на договорот со главниот инвеститор, украинската компанија.

Активистите, земјоделците и туристичките работници од регионот одлуката на Владата ја сметаат за голема победа, а владеачката СДСМ со неа, го исполнува предизборното ветување дека ако постои опасност од загрозување на здравјето на граѓаните и на животната средина, нема да се дозволи понатамошна изградба на „Казандол“

Минатата година илјадници граѓани од југоистокот на Македонија протестираа против изградба на „Казандол“ на инвеститорот „Сардич МЦ“, на рудникот за бакар и злато „Иловица“ на инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“, но и против останатите рудници најавени за отворање, како и против издадените дозволи за геолошки истражувања, и давањето концесии за експлоатација на површински копови, тврдејќи дека со загадувањето на животната средина, пред сè, почвата и водата, ќе се загрози земјоделието кое е главна стопанска гранка во регионот.

По успешните референдуми во Дојран, Гевгелија и Богданци, против „рудниците на смртта“, референдумот во Валандово против изградба на „Казандол“ (како и граѓанските изјаснувања во помалите општини Босилово и Ново Село) не го исполни законскиот цензус за излезност, иако гласовите на мнозинството излезени граѓани на референдумот беа против отворање на рудникот.

Но активистите продолжуваат со заложбите за сочувување на животната средина. Како дел од активностите во борбата против отварањето рудници без заокружени еколошки проекти, минатиот месец, по примерот на грчките екологисти, кои успеаја во заложбите - појасот од Дојранското езеро до Кајмакчалан во нивата држава, да биде прогласен за заштитено подрачје, претставници на еколошки друштва и здруженија од југоисточна Македонија (здруженијата „за спас“ - на Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци, здружението „Здрава Котлина“ од Струмица, и еколошките друштва „Полимат 13“ - Богданци и „Еко долина“ - Ново Село) формираа регионална граѓанска иницијатива за прогласување на планинските комплекси Беласица, Огражден и Кожув, но и на Дојранското Езеро - за национални паркови. Целта е да се сопре и спречи изградбата на рудниците во регионот, за заштита на природните реткости и богатата флора и фауна во овој дел од Македонија. На иницијативата се очекува да ѝ се приклучат и невладини организации од Кавадарци, Демир Капија и Неготино.

Минатата недела пак, на вонредна седница, Советот на Општина Гевгелија едногласно го одби барањето за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф од фирмата „Резервоар Минералс“ ДООЕЛ Скопје, што е втор, последичен негативен одговор, по референдумот на гевгеличани за истражување на металични минерални суровини на локалитетот кај селото Коњско на Кожуф планина. Гевгелискиот советот го одби барањето продолжување на рокот за истражување за уште две години, откако истекла лиценцата за истражувања, добиена на четири години, во 2013 година, иако претставничка на фирмата тврдела пред советниците дека ќе бидат запазени сите законски одредби и светски стандарди за заштита на животната средина. Гевгелиските советници заклучија дека Министерството за економија и Владата треба да прогласат едностран раскин на договорот за концесија, затоа што концесионерот немал суштински причини или пречки да го заврши истражувањето во законскиот рок.

На 6 март, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по пријавата поднесена во јануари, по повод сомнежите дека група од повеќе сторители се здружиле со цел на незаконски начин да овозможат компанијата „Сардич МЦ“ противправно да добие Договор за експлоатација на бакар, злато и сребро, отворило предистражна постапка во која се бараат дополнителни докази за начинот на кој е издадена концесијата за експлоатација на бакар во рудникот „Казандол“. Според доказите што треба да ги обезбеди МВР, обвинителството ќе донесе одлука дали предистражната постапка ќе доведе и до отворање на истрага. Сомневањата се дека точно пред три години, во март 2015, Министерството за транспорт и врски донело одлука да се спроведе Стратегиска оценка за влијание врз животната средина, дури две недели по потпишувањето на Договорот за концесија, дека рокот за геолошки истражувања бил прекус и дека дел од неопходната документација бил донесен спротивно на Просторниот план на Република Македонија.

Сепак, по барањата на граѓанските организации и здруженијата који се спротивставуваа на отворањето рудници без целосни еколошки проекти за заштита, а што ќе користат опасни хемикалии како цијанид и сулфурна киселина, се очекува расправа во Собранието за измени на Законот за минерални суровини во насока и на забрана на употреба на цијанид и сулфурна киселина во производниот процес. Меѓу аргументите за предложените измени се податоците дека „околу 10 илјади километри квадратни од 25-те илјади квадратни километри површина на Македонија, би биле загрозени со површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата“.

Спротивен став имаат инвеститорите и Македонската асоцијација за рударство кои посочуваат дека ваквиот однос и евентуалните измени на законот или раскинувањето на договорите за концесии, би предизвикале бркање на инвеститорите со штети од една до три милијарди евра и затворање на рудниците со тешки економски последици за Македонија.

За зголемување на хаосот придонесе и поранешниот градоначалник на Општина Валандово Николче Чурлиновски, кој не сакаше да ја потпише одлуката за референдум на иницијативата „Спас за Валандово“ и со месеци ја оддолжуваше постапката, но иако референдумот не успеа, подносе иницијатива до Уставниот суд. Судот пак, неодамна поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на две одлуки за распишување референдум на локално ниво, донесени од Советот на Општина Валандово на 3 и 10 јули 2017 година, зашто „прашањето на концесии не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG