Линкови за пристапност

Ќе се раскинува договорот и за рудникот Иловица?


Поради индиции дека концесионерот не ја комплетирал документацијата, се најавува постапка за можно раскинување на договорот за концесија и за рудникот „Иловица“

По раскинувањето на договорот со концесионерот од Украина, фирмата „Сардич МЦ“, за рудникот „Казандол“, Владата најавува и раскинување на договорот со концесионерот „Еуромакс“ за експлоатација на минерални суровини, бакар и злато во рудникот „Иловица“, на планината Огражден кај Струмица. По вчерашната седница, владините служби ги известија медиумите дека поради постоење индиции за некомплетност на документите, согласно договорот за концесија, Владата го задолжила Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од „Еуромакс“ ќе се бара комплетирање на документацијата за експлоатација, за што концесионерот е информиран уште во 2016.

Министерството за економија во рок од седум дена треба да достави информација дали се исполнети условите за раскинување на договорот.

Според Владата, иако имал таква обврска според договорот за концесија, „Еуромакс“ не доставил доказ за „решени имотно-правни односи за земјиштето на кое ќе се врши експлоатацијата, како и решение за одобрување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина“

Постапката за отворање на рудникот за злато – „Иловица“, трае со години, а инвестицијата беше најавувана во вредност од стотици милиони долари. Но, паралелно, активистите и борците за заштита на животната средина, перманентно се спротивставуваат и протестираат, бранејќи го „најземјоделскиот крај“ во Македонија. Претставници на здружението „Здрава котлина“ кое беше иницијатор на референдумот во Општина Ново Село во 2017, против изградбата на рудникот Иловица, кој како и референдумот во Општината Босилово претходно, не успеа поради недоволна излезност на гласачите, тогаш алармираа дека референдумите ги следеле бројни нерегуларности и опструкции на тогашните локални власти.

Преиспитување на доделувањето на концесиите за отворање рудници во Југоисточна Македонија, беше и едно од предизборните ветувања на СДСМ, па одлуките на Владата на СДСМ и ДУИ - за „Казандол“ и „Иловица“ се очекувани, особено затоа што изградбата на голема брана за хидројаловиштето на рудникот од отворен вид е во непосредна близина на плодното земјоделско земјиште во Струмичкото поле. Активистите предупредуваа и на можен егзодус на граѓаните од тој регион, поради загадувањето на почвата и водите

Од друга страна, претставниците на рудниците и на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија, посочуваа дека Македонија мора да осмисли понатамошна стратегија за рударството, согласно македонските закони и европските директиви за заштита на животната средина. Тие потенцираа дека ниту минирањата, ниту користените хемикалии не би ја деградирале животната средина, како и дека би се имплементирале најсовремени технологии и би се почитувале строгите светски норми за заштита на животната средина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG