Линкови за пристапност

Жестока полемика за рудниците и заштитата на животната средина


„Ќе се предизвика егзодус на околу 400.000 граѓани од Југоисточна Македонија!“, предупреди Ангел Наков од граѓанското здружение „Спас за нас“.

На собраниската Комисија за економија на која се расправаше за предложените измени и дополнувања на Законот за минерални суровини од група пратеници од различни партии на владејачкото мнозинство, со кои ќе се забрани употреба на цијанид, на сулфурна киселина и на други опасни супстанци во процесот на експлоатација на металините минерални суровини, пратениците - предлагачи на измените, активисти од невладини организации, универзитетски професори и претставници на асоцијацијата за рударство, жестоко дебатираа, изнесувајќи директно спротивставени ставови.

Во јавната расправа, невладиниот сектор го застапува тврдењето дека се неопходни измени на законот за да се спречи „еколошки геноцид врз 400.000 луѓе“, а за бизнис-секторот, пред сè, за сопствениците на рудниците, но и за дел од професорите, рударството како дејност сериозно придонесува во вкупниот БДП на државата, а веќе и со постоечките еколошки стандарди, како и со евентуалното заострување на законските прописи, ќе се обезбедува заштита на здравјето на граѓаните и на животната средина.

Претставници на бизнис-секторот потенцираат и дека со години наназад, во Македонија рудата се екстрахира со разредени количини цијанид и дека немало заболени лица.

Во јавната расправа за отворање и на нови рудници – потенцијални загадувачи, во кои екстракцијата се врши со на отворен коп, што според светските искуства предизвикува загадување на животната средина. Бизнис-секторот, сепак, ја брани тезата дека е неопходно заздравување и зајакнување на македонската економија, дека во рударскиот сектор и во моментов се вработени над 12.600 лица, чија егзистенција ќе биде загрозена, како и дека предложените измени ќе ги избркаат инвеститорите од Македонија и ќе оневозможат отворање на нови работни места.

И Македонската асоцијација за рударство ги обвини пратениците-предлагачи дека измените на Законот практично ќе ги затворат трите рудници за олово и цинк, Саса, Злетово и Тораница и побара од Собранието и од Владата да организираат широка јавна расправа, со учество на научната јавност. Меѓу аргументите на поддржувачите на отворањето нови рудници се и статистичките показатели дека стопанството на добар дел од градовите од Источна Македонија, како Крива Паланка, Пробиштип, Радовиш, Македонска Каменица се базира токму врз рударството.

Во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, Ангел Наков од граѓанското здружение „Спас за нас“, истакнувајќи дека ги поддржува јавните расправи за сите контроверзни прашања во Македонија, изјави дека вчера во Собранието дошло до изместување на темата на дебатата што може да создаде погрешен впечаток во македонската јавност.

„Одеднаш, на една страна се најдовме ние, активистите и граѓаните од загрозените подрачја, а од друга страна, рударите и нивните семејства, чија егзистенција наводно ја загрозуваме и сопствениците на рудниците кои најавуваат катастрофа за економијата. Но, во Македонија само во четири рудници, Саса, Бучим, Тораница и Злетово се врши искол на металични минерални суровини и во нив, според податоците на Заводот за статистика и на Управата за јавни приходи, работат вкупно 2.004 лица. Наводните 13.000 вработени, се и оние од компаниите кои се занимаваат со ископ и на варовник и на мермер, па дури и од базите за песок, кои никој од нас не ги споменува. Ние не бараме затворање на постоечките рудници! На двете средби со претставниците на новата Влада баравме мораториум на отпочнатите постапки за отворање на нови рудници, според нетранспарентната стратегија на Владата на Груевски, која за една вечер додели 86 концесии, од кои 16 - за минерални суровини“, ни изјави Наков.

Активистите од граѓанскиот сектор и еколозите особено потенцираат дека нови рудници не смее да се дозволат во регион во кој, според изнесените податоци во дебатите, се произведува 30% од храната во Македонија.

„Ние не сме хистерични, како што не обвинија во расправата. Ние граѓаните од загрозените подрачја, потенцираме дека сите нови рудници, Казандол, Иловица, Боров Дол и Плавица, за кои се добиени концесии, се наоѓаат во близина на изворите за вода за пиење и за наводнување на земјоделските површини, и дека само околу тие четири рудника живеат 200.000 жители! Американската агенција за заштита на човековата средина предупредуваше на опасноста од контаминација на подземните води и на земјиштето околу рудниците во кои се одвива процес со отворен коп, со употреба на цијанид и на сулфурна киселина во САД... Ние не сакаме тоа да ни се случи во Македонија! Факт е дека никаде во Европа не се користи оваа постапка на ископ на отворено. Не сакаме да го доживееме романското искуство со рудникот Баја Маре и бараме од Владата да не биде соучесник во ова монструозно сценарио, наметнато од претходната власт!“, изјави Наков за Гласот на Америка.

И додека активистите организираат трибини на кои ги разгледуваат начините на досегашните форми на граѓански отпор во Југоисточна Македонија и предупредуваат дека е неопходно поголемо вклучување на македонската јавност во јавната расправа и дека последиците од започнувањето со работа на нови рудници за бакар, сребро и злато во речиси целата Источна Македонија, на територија која опфаќа над 40% од државата, ќе ги почувствуваат сите граѓани, деновиве, Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) изрази загриженост за работните места и за вработените во рударството. СИЕР бара да се повлечат предлог-измените на Законот за минерални суровини, зашто се работи за прашање за кое не смее да се одлучува без сериозни релевантни анализи и истражувања. Според синдикалците од рударството, евентуалното ограничување на употребата на одделни супстанци кои се опасни за здравјето на луѓето и на животната средина, треба да се спроведува по признатите норми и стандарди во светот.

„Со сета должна почит за грижата за животната средина, сметаме дека рударството, како дејност која сериозно придонесува во вкупниот БДП на државата, заслужува барем издржана, стручна и научна анализа на состојбите, пред да се предлагаат какви било законски прописи. Рудниците до овој момент работат според важечки стандарди и според добиени мериторни дозволи за работа“, се вели во соопштението на СИЕР.

Од друга страна, Федерацијата на фармери (ФФРМ), уште минатото лето ги поддржа жителите на Валандово кои бараа да не се продолжи со изградбата на рудникот Казандол:

„Внимателно да се размисли за отворањето рудник во Казандол, зашто подрачјето на Валандово, Богданци и Дојран има 13.681 хектар обработливо земјоделско земјиште.. Да се размисли добро при самото одлучување, бидејќи со отворањето на овој рудник, ќе се направат негативни ефекти врз земјоделството, особено врз органското производство“.

Минатата година, во периодот од јуни до септември, се одржаа шест референдуми во Југоисточна Македонија, против отворањето на нови рудници, под мотото „Стоп на рудниците на смртта!“ Референдумите во општините Ново Село, Босилово и Валандово, беа неуспешни поради недоволната излезност на граѓаните, додека успешни беа референдумите во Гевгелија, Богданци и Дојран, каде жителите се изјаснија против рудниците. На акциите против отворањето на рудници, се приклучи и граѓанската иницијатива „Спас за Козјачија“, иако Општината Старо Нагоричане покрај Куманово не спаѓа во Југоисточна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG