Во длабока сенка на политичките настани околу реакциите на договорот меѓу премиерите Зааев и Ципрас за надминување на 25-годишниот спор за уставното име на Македонија, заштитниците на животната средина ја продолжуваат својата битка за чиста околина и за здрави поколенија, а против отворање на рудник со отворен коп „во подрачјето кое ја храни Македонија“. Незадоволни од пролонгирањето на постапката за одземање на концесијата за рудникот за злато „Иловица-Штука“, активистите од здружението „Здрава котлина“, кои со месеци наназад се децидни дека плодниот струмички регион не смее да биде загрозен со работата на рудникот, за утре (сабота) 16-ти јуни најавуваат протести на локалното население.
„Нека не си играат со нашето трпение, зашто се целосно прочитани и колку што е можно побргу нека заминат од овој питом крај што сакаат да го направат пустелија“, им порачаа заштитниците на животната средина - на концесионерите на рудникот Иловица. Властите во април најавија можно одземање на концесијата поради правни пропусти на концесионерот, но иницијаторите и со овој протест, сакаат да упатат јасна порака дека подготвуваат кривични пријави против дел од инвеститорите, како и дека и понатаму се против отворање на рудник со отворен коп во нивното соседство.
Претставници на „Здрава котлина“ за медиумите аргументираа дека „повеќе од 90% од локалното население е против изградба на рудникот и на експерименталната брана за складирање на отровна јаловина“. Иако фирмата „Еуромакс рисорсис“ тврди дека ја поседува сета документација која можела да биде обезбедена за време на политичката криза во Македонија, еколозите тврдат дека концесионерот уште пред четири години требало да ја обезбеди дозволата за експлоатација, но дека сè уште има проблеми со „имотно-правните односи, геодетскиот елаборат, главниот рударски проект, планот за управување со отпад и решенијата за вода и за сообраќајна согласност“.
Инвеститорите кои се обврзаа да вложат околу 350 милиони евра и да отворат околу 500 работни места, тврдат дека рудникот „Иловица-Штука“ нема да има негативно влијание врз здравјето на луѓето и врз земјоделието, зашто златото наводно ќе се издвојува преку физичка флотација (физичко одвојување на минералните зрна кои содржат скапоцени метали, бакар, сребро и злато, од минералите што немаат вредност) без користење на цијанид и на хемиски супстанци.
Покрај утрешниот струмички марш, протест е закажан и во Скопје, преку солидарен собир пред Владата, со иницијатива која се ширеше преку социјалните мрежи.
„Да излеземе заедно и да ги поддржиме во нивната борба, затоа што борбата за чиста и еколошка животна средина е борба на сите нас! Отворање рудник од ваков вид, во подрачјето кое ја храни Македонија, е неправда и кон нас, но многу повеќе кон генерациите што доаѓаат, нашите деца кои никогаш нема да ги запознаат зелените пространства и бистрите води. Тоа нема никогаш да ни го простат! Веќе еднаш излеговме заедно на истото место со поддршка за иницијативата ‘SOS Валандово’, која се бореше против отворањето на рудникот ‘Казандол’. ‘Казандол’ се затвори! Еднаш успеавме, ќе успееме повторно! За чиста и здрава животна средина! За здрави и среќни поколенија! Против рудниците на смртта!“, се вели во повикот за скопскиот протест
На неодамнешниот Трет Европски форум за рударство и истражување „Minex Europe 2018“, што се одржа во Скопје под мотото „Одржлив развој на западно-тетијските металогени ресурси“, а за време на чие одржување протестираа граѓанските активисти кои се против отворањето на нови рудници во Македонија, претставници на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија, тврдеа дека рударството во Македонија трпи штета поради непостоењето усогласени односи меѓу Владата, локалното население и рударските претпријатија.
Николајчо Николов, претседател на МАР, за медиумите истакна дека големите потенцијали во рударскиот сектор, за жал, не се во целост искористени и дека е потребно усогласување на законската регулатива со таа на развиените земји, со што би се овозможило правилно функционирање на рудниците и здрава и безбедна животна средина за населението.
Во своето обраќање, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, потенцираше дека во Македонија постои голем потенцијал за успешно развивање на рударскиот сектор и ги охрабри учесниците на форумот-активно „да се вклучат во разговорите за добрите практики за одржлив развој на рударските проекти во Македонија и заштитата на животната средина“. Тој ја потенцираше неопходноста од координирани активности со локалните самоуправи и од анимирање на жителите и за користа од инвестициите во рударскиот бизнис, но со истовремено зачувување на животната околина и со елиминација на штетите по земјоделскиот сектор кој има голем процент во домашната економија. Затоа, Анѓушев најави и зајакнување на комуникацијата на Владата, со концесионерите, со локалните власти и особено со граѓаните, на кои ќе им биде предочено дека постојат технологии кои не се штетни за околината.
Но, покрај активистите од невладиниот сектор кои протестираа, и партијата ДОМ, која се декларира како зелена партија, упати порака до учесниците на истиот форум – „дека Македонија е премногу малечка за нивните големи амбиции и дека нема простор за нови рудници!“
„Не можеме да се радуваме на најавата на големиот приватен труст од светската рударска индустрија, дека Македонија е ветеното Елдорадо, земја кај што секој може слободно да си дојде и да си собира злато и други природни минерални ресурси... Ние не сакаме да бидеме експериментална земја на нивните, наводно, ‘нови’, ‘циркуларни’ и ‘одржливи’ технологии! Да не се лажеме, рударството било и останува дејност во графата на тешка и загадувачка индустрија!“, се вели во пораката на ДОМ.
Партијата тврди и дека „10.000 км квадратни од 25.000, колку што изнесува целата површина на нашата убава земја, или 40% од површината, би била изложена на разорување со површински копови и загадување на водите, воздухот и почвата од евентуални нови рудници... Македонските граѓани во изминативе две години поминаа низ процес на осознавање за технолошките операции во рударството и на еколошко зреење дека не сакаат отрови во својот двор! Затоа се дигнаа на нозе стотици илјади граѓани и се одржаа шест референдуми против отворање нови рудници...“.
„Поради сево ова, ги замолуваме моќните бизниси од рударството да ја заобиколат Македонија и да нè остават да си ја исчистиме земјата од старите еколошки загадувања, кои, по правило, се најголеми во местата каде што имало, или има рудници“, се вели во пораката на ДОМ до инвеститорите и власта во Македонија.
Facebook Forum