Линкови за пристапност

Ескалација на протестите против Иловица?


Противниците на активирањето на рудникот Иловица – Штука најавуваат и блокади на граничните премини во соработка со еко-активисти од Бугарија и Грција!

„Вечерашниот собир во Домот на културата во Сушица, ќе биде масовен собир против ’рудникот на смртта’ - Иловица. Значи, собир, а не - протест! Настанот го организираме на барање на жителите на Сушица, со цел - нивно информирање за моменталната состојба со постапката околу отворањето на потенцијалниот рудник за злато и бакар Иловица-Штука“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, граѓанскиот активист Митко Ристоманов, еден од организаторите на собирот.

„Нашата иднина зависи нашето залагање за неа!“, е мотото под кое екологистите од југоисточниот регион вечерва организираат масовен собир против отворањето на рудникот „Иловица“, во новоселското село Сушица. Организаторите на настанот, „Еко долина“ од Сушица, еколошката коалиција „Југоисток против рудниците“ и организацијата „Здрава котлина“ од Струмица. ќе ги информираат заинтересираните жители од регионот, за моменталната состојба околу постапката за отворање рудник за злато Иловица-Штука.

Според Ристоманов, во план е доаѓање на еко-активисти од целиот југоисток на Македонија – од Гевгелија, Богданци, Валандово, Дојран и Струмица, коишто пред присутните ќе ги изнесат, „несоборливите правни аргументи за еднострано одземање на концесијата на фирмата ’Еуромакс Ресорсис’“.

„По консултативниот состанок со Владата, во Домот на АРМ во Струмица, на 20-ти јули, побаравме објаснување од премиерот за нивниот заклучок од состанокот - за наводна наша согласност за формирање на заедничко мониторинг тело, за коешто не стана ни збор во текот на состанокот! Ниту преку личните контакти, ниту преку официјалните соопштенија, Владата не даде потврда, ни демант на нашето барање. Затоа, поднесовме официјално усно барање до Министерството за економија, со неколку прашања, на кои ни одговорија писмено, а во врска со состојбата за добивање дозвола за работа на потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Морам да признаам дека коректно и навремено ни беше одговорено на сите прашања, иако на некои, и самото Министерство нема одговор!“, ни изјави Ристоманов.

„Од добиените материјали кои се официјални документи, извлековме заклучоци кои ќе ни бидат основа за покренување иницијатива кај официјалните државни органи за покренување на истражни дејства, со основано сомнение за непочитување на законот и од поранешната и од актуелната Влада, како и за неисполнување на обврските од договорот што ги има преземено концесионерот ’Еуромакс Ресорсис’. Во очекување на следната средба со Владата и со концесионерот, која е најавено дека ќе се одржи некаде кон средината на август, се подготвуваме за една сеопфатна правна разрешница, паралелно со нашите тековни теренски активности - граѓански собири по населените места, вмрежување и соработка со еколошки здруженија, како од Република Македонија, така и од Република Бугарија и од Република Грција, кои исто така, се загрозени од потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Во зависност од развојот на настаните во иднина, не е исклучена и радикализација на протестите - блокади на патишта и на граничните премини, како и граѓанска непослушност - заедно со еко-активистите од Бугарија и Грција“, најави Ристоманов во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик

За време на предизборната кампања, тогашната опозицијата ги поддржуваше граѓанските активисти. Подоцна, актуелниот премиер Зоран Заев, изјавуваше и дека нивниот став во однос на „рудниците на смртта“, особено за Иловица, е многу логичен. „Тоа го чекaа граѓаните и заради тоа СДСМ стоеше зад граѓанските организации, поддржувајќи ги во нивната борба. Едно да биде јасно: лично јас и Владата сме против рудниците и ќе направиме сe` за да го заштитиме здравјето и животот на нашите граѓани!“.

Екологистите кои „Еуромакс Рисорсис“„ го сметаат за „потенцијален гробар на Струмичката котлина“, и понатаму бараа Иловица да не работи! Но, ни консултативната средба на 20 јули во Струмица, не го намали незадоволството на граѓаните од регионот, иако беше најавено исфрлување на цијанидот и на сулфурната киселина од производниот процес. Владата испрати и соопштение од средбата, во кое ја истакна конструктивноста на фирмата „Еуромакс Рисорсис“ и гаранциите за здравјето и чистата животна средина, како и формирање на мониторинг тело кое треба да ги следи „претстојните фази“, во постапката, но тоа не ги поколеба граѓаните, во истото барање - рудникот да не проработи. Иако со оваа средба, Владата доби на време, таа во најкус можен рок, сепак, ќе мора да се изјасни, со дефинитивен став - дали ќе биде одземена концесијата за Иловица, или по цена на губење на довербата од гласачкото тело, ќе дојде до повлекување на предизборното ветување дека нема да работат рудниците кои го загрозуваат здравјето на граѓаните! Или, ќе мора и да се платат преземените обврски кон концесионерите и високите отштети, како и да се издржат обвинувањата за скршнување од курсот за привлекување на странските вложувачи, или пак, ќе се отвори фронт кон изневерените невладини организации и граѓански иницијативи за заштита на животната средина...

Со раскинувањето на договорот со концесионерот „Сардич МЦ“ за рудникот Казандол, од чија работа се засегнати граѓаните на општините Гевгелија, Валандово и Дојран, власта ги обврза активистите од тој регион, но Иловица останува отворен проблем. Особено, што и застапниците на опцијата за работење на рудниците, не смеат да се пренебрегнат.

Бизнисменот Живко Груевски, почесен конзул на Канада, кој присуствувал на консултативниот состанок со засегнатите страни во проектот за развој на рудникот за бакар и злато на канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“, во колумна во медиумите го изнесе својот став со контра-аргументи во однос на заштитниците на животната средина.

„Ваквите френетично повторувани апели за ’спас’ сигурно дека добронамерно ни алармираат за максимална претпазливост и грижа за зачувување на највредното – здравјето на луѓето во здрава еко-средина! Но, ако само малку се задлабочите во анализа на презентираните аргументи, факти, селективноста и релевантноста на користените извори на информации, неизбежно ќе забележите дека во ’фрапантната вистина’ на патетично изнесените популистични предупредувања, има многу недостатоци, полувистини, но и целосно шпекулативни теории. Својата непомирлива исклучивост – или рудник, или земјоделие и здрав живот! – тие за жал јавно ја манифестираа, со елементи на нетолеранција и неподготвеност да ги сослушаат внимателно дискусиите и ставовите на другата страна“, напиша Груевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG