Линкови за пристапност

Хеликоптерите ќе чинат речиси 250 милиони евра, Петровска подготвува одговори за Антикорупциска


Пакетот за осум нови хеликоптери, со опрема, одржување, хангари ќе чини речиси 250 милиони евра. Петровска рече дека писмото од Антикорупциска за набавката на воздухопловите стигнало во Одбрана и додаде: „Немаме што да криеме“

И јас и целиот тим, сме подготвени да одговориме на сите дополнителни прашања, немаме што да криеме.

Тоа денеска во кругот на касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, го истакна министерката да одбрана Славјанка Петровска одговарајќи на прашање од Гласот на Америка во врска со предметот што Државната комисија за спречување на корупцијата го отвори за набавката на армиските хеликоптери, тешка речиси 250 милиони евра.

Петровска рече дека писмото од Антикорупциска стигнало во Одбрана и додаде дека нивниот тим веќе ја составувал документацијата што се барала од нив да ја достават како одговор за отворениот предмет.

„Можеби некогаш, некои од чекорите не се доволно јасни. Но, јас сум подготвена да ги одговорам сите прашања кои Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги има во врска со овој предмет“, рече Петровска.

Според договорот со италијанската компанија „Леонардо“ од крајот на 2026 до крајот на 2028 година треба да испорача осум воени хеликоптери, да изгради хангари за нивно чување, да обезбеди обука за нивно пилотирање и одржување. Пакет, како што рече министерката Петровска, ќе чини 249,9 милиони евра.

Одговарајќи на прашање од Гласот на Америка, дали „Леонардо“ била прва на листата по најповолни понуди, Петровска рече дека стручната комисија донела таков заклучок водејќи се според повеќе критериуми.

„Цената играше улога. Но, еден од клучните услови беше понудата за долгорочно одржување на воздухопловите. Кога се работи за опрема која е толку вредна и е од стратешко значење за функционирањето на армијата и на државата, најдобро е понудата да се гледа во пакет, односно да се гарантира дека во наредните 30 години таа опрема, ќе бидеме способни и со човечки ресурси и финансиски да ја одржуваме“, додаде Петровска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG