Македонскиот воздушен простор ќе го чуваат и италијански воени воздухоплови, во координација со македонското воздухопловство. Тоа ќе следи после договорот што денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот италијански колега, Гвидо Крозето.
„Овој договор значи дека италијански воздухоплови по потреба ќе изведуваат контролни летови чија цел е безбедност на македонското небо“, рече министерката Петровска.
Италијанските воздухоплови ќе бидат во координација со грчката авијација, која веќе патролира на македонскиот воздушен простор. Овие активности се дел од мисијата на НАТО за обезбедување на воздушниот простор врз земјите членки на Алијансата.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, додаде министерката Петровска.
Италијанскиот министер Крозето, пак, нагласи дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Прелетите на НАТО авионите е во рамките на т.н. „air policing“ мисија на Алијансата, а во која македонскиот воздушен простор беше вклучен во декември 2021 година.