Линкови за пристапност

Блинкен вели дека договор за прекин на огнот во Газа мора да дојде наскоро


Американскиот државен секретар пред неговото заминување од Доха на 20 август 2024 година
Американскиот државен секретар пред неговото заминување од Доха на 20 август 2024 година

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна вчера ја заврши својата деветта посета на Блискиот Исток, велејќи дека Израел и Хамас треба наскоро да постигнат договор за прекин на огнот.

„Времето е од суштинско значење бидејќи секој изминат ден благосостојбата и животите на заложниците се загрозени“, рече тој пред да замине од Доха, Катар.

„Времето е од суштинско значење затоа што секој ден жените, децата, мажите во Газа страдаат без пристап до соодветна храна, лекови и се изложени на ризик да бидат ранети или да умрат во борбите што тие не ги започнале и не можат да ги стопираат. А времето е од суштинско значење бидејќи со секој изминат ден постои опасност од ескалација во регионот“, рече Блинкен.

По патувањето во Израел претходно оваа недела, каде што рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го прифатил предлогот на преговарачите од САД, Катар и Египет, Блинкен се состана со официјални лица во Каиро и Доха.

„Ние сме ангажирани секој ден со Израел, а нашите катарски и египетски партнери се ангажирани со Хамас, и во текот на следните денови ќе направиме се` што е можно за, прво, да го прифатиме Хамас со предлогот за премостување, а потоа да осигураме двете страни да работат и да се согласат со потребните детали за имплементацијата што ќе овозможат сè да оди напред“.

Сепак, и Хамас и Израел, сигнализираа дека не им се допаѓаат аспектите на предлогот поддржан од САД, а договорот изгледаше неостварлив.

Во новото соопштение, Хамас рече дека последниот предлог е „пресврт“ на она на што претходно се согласи и ги обвини САД дека се согласуваат со, како што ги нарече „новите услови“ од Израел.

Во меѓувреме, Нетанјаху им рече на роднините на заложниците во Газа дека клучна цел е „да ги зачуваме нашите стратешки безбедносни средства наспроти големите притисоци од дома и од странство“.

Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври со терористичкиот напад на милитантите врз Израел во кој загинаа 1.200 луѓе и доведе до заробување на 250 заложници.

Во одмаздничката офанзива на Израел против Хамас во Газа загинаа повеќе од 40.000 Палестинци, повеќето жени и деца, според здравствените власти на Хамас, иако израелската војска вели дека во бројот на загинатите има и илјадници борци на Хамас.

Денес, Хезболах лансираше повеќе од 50 ракети од Либан, погодувајќи голем број приватни домови во Голанската висорамнина анектирана од Израел.

Хезболах соопшти дека нападот бил одговор на израелскиот напад длабоко во Либан во вторник вечерта, во кој загина еден, а 19 беа повредени.

Во вторникот, Хезболах лансираше повеќе од 200 проектили кон Израел, откако Израел целеше складиште за оружје на Хезболах на околу 80 километри од границата, што е значително зголемување на секојдневните престрелки.

Некои информации во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG