Бундестагот го подготвува новиот буџет за следната година, а меѓу другото, неговиот нацрт планира да ја намали распределбата за воена поддршка за Украина за половина, од 8,8 милијарди на 4,4 милијарди долари.
Партиите во германската коалициска влада ги негираат обвинувањата од опозицијата дека посветеноста на Берлин кон Украина е доведена во прашање.
„Сите три владини партии, од социјалдемократите, Партијата на зелените до либералите, сè уште целосно ја поддржуваат Украина. Само кај социјалдемократите постои дел од старото верување дека мирот треба да се донесе без оружје. Тоа е прекрасно, но јас не гледам дека Путин така мисли во моментов“, вели Улрих Лехте од партијата ФДП.
Официјалното објаснување на партиите е дека замрзнатите руски средства можат да генерираат милијарди долари за Украина според планот на земјите од Г7.
Но, постои и реалност дека од средината на 2022 година, санкциите ја спречија Германија да купува евтин природен гас од Русија и мораше да го купува по многу повисоки цени од скапи добавувачи како Норвешка.
Економистите велат дека ова ја поттикнало вкупната инфлација во Германија. Таа достигна 10 проценти во 2022 година.
„Енергијата и трошоците во првата година по почетокот на војната се зголемија за повеќе од 50%. Цените на храната во последните три години во Германија се зголемија за повеќе од 35%.“, вели Марсел Фрацшер од Германскиот институт за економски истражувања.
На улиците на Берлин, поскапувањето се чини дека се чувствува во многу џебови.
„Да, неверојатно. Цената на превозот, храната, сè се покачи“, вели Јохан, жител на Берлин.
„Многу поскапо е одењето во ресторани. Мислам дека многу луѓе веќе не излегуваат толку многу, затоа што тоа го чувствуваат финансиски“, смета Керстин Шулц, жителка на Берлин.
Крајно десничарските и радикалните леви партии го користат ова. Тие се малцинство во парламентот, но добиваат поддршка од народот.
Левичарската партија БСВ со 10 пратеници од Бундестагот кој брои 733, е една од оние кои повикуваат на целосно прекинување на поддршката за Киев.
„Секој што сака да стави крај на смртта и војната мора да испрати дипломати во Украина, но не и оружје“, посочува Севим Дагделен од партијата БСВ.
Сличен аргумент дава и десничарската партија АфД, со 116 пратеници во Бундестагот.
„Не сакаме да распоредиме сопствен материјал во Украина бидејќи ќе ни треба сопствен материјал за да ја одбраниме нашата земја“, категоричен е Норберт Клајнвахтер од АФД.
Анкетите покажуваат дека повеќето Германци продолжуваат да го поддржуваат вооружениот отпор на Украина против руската агресија, но тие исто така покажуваат дека бројот постепено се намалува.
Една неодамнешна анкета на Европскиот парламент вели дека повеќе од 40 отсто од Германците рекле дека ја сметаат финансиската поддршка за Украина за прекумерна, а истото истражување покажа дека поддршката за влезот на Киев во ЕУ е намалена од 58 на 53 отсто.
Facebook Forum