Линкови за пристапност

Џоломари, древен и уникатен обичај опстојува со генерации во тиквешијата


Џоломари, древен и уникатен обичај опстојува со генерации во тиквешијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Во тиквешијата опстојува уникатен обичај што успеал да ја задржи својата автентична форма со векови. Тоа е обичајот Џоломари, што сè уште живее благодарение на упорноста на жителите од селата. Ноќта меѓу 13 и 14 јануари во тиквешкото село Бегниште ќе се растрчаат и развреват древните џоломари.

Трескавичен екот од ѕвонци и клопотарци предзори. Луѓе преправени во исконски чудовишта растрчани низ селото. Нивните лица исцрнети, а под образите долги бради и мустаци. Главите, пак, покриени со наметки и качулки стари и по еден век. Тоа се џоломарите од кавадаречкото село Бегниште.

Се појавуваат во ноќта меѓу 13ти и 14ти јануари, за Василица. Задачата им е со вревата и страшниот изглед, ритуално да ги избркаат лошите духови и болестите од старата година. Да се отвори пат за бериќет, здравје и плодност во новата.

Обичајот е еден од ретките што со векови ја задржал својата изворна форма. Ги снимавме изминативе години и по повод нивното ново собирање годинава, ви ја пренесуваме нашата куса видео приказна за Џоломарите.

„Се трудиме да ја задржиме традицијата на нашите дедовци, прадедовци, на нашите предци. Се трудиме. Малку е тешко во овој современ свет, но некако опстануваме“, вели 35-годишниот џоломар, Пере Лазаров.

Учесниците се мажи, преправени во страшилишта, како и во баба, две невести и еден магаричар. Бабата ја симболизира старата година, а невестите се симбол за новото раѓање.

„Магаричарот го води магарето. Одат од куќа до куќа, каде ги даруваат со месо, брашно, овошје, кој што има. Бабата е облечена целата во црно и ја претставува старата година што одминува. Додека невестите, коишто се две, се целите облечени во бело и ја претставуваат годината што надоаѓа“, истакнува Ордан Лазаров, претседател на Карневалска група „Џоломари“ од с. Бегниште.

Еден од најстарите активни џоломари во селото е 62-годишниот Вангел Лазаров.

„Уште се правам. Кога одиме по карневали, јас сум напред. Орото го водам како најстар џоломар“, објаснува чичко Вангел.

Во препознатливата маска влегол уште на осумгодишна возраст, а денес им помага на младите да ја продолжат традицијата.

„Некогаш беше можеби и поинтересно. Селото беше поисполнето со луѓе, со куќи. Сега селото е намалено, миграцијата си го стори своето“, додава Вангел.

Според истражувањата на етнолозите од музејот во Кавадарци, обичајот е уникатен за тиквешкиот регион.

„Само во овие села се користи зборот џоломар. Односно, претежно во селото Бегниште, додека во селото Ресава се употребува и зборот џаламар“, објаснува Томе Крстевски, Виш кустос-етнолог од музејот и галерија од Кавадарци.

За препознатливоста на овој обичај зборуваат и бројните учества на бегнишките џоломари на странски карневали.

„Кога одиме на фестивалите, одлично нè прифаќаат. Интересна маска сме, несекојдневна, различна од сите, уникатна“, додава Ордан Лазаров.

Вклучувањето и на децата во дводневните случувања им остава надеж на етнолозите дека обичајот ќе продолжи да опстојува.

„Со ангажирањето на водачите од здруженијата на џоломарските групи од овие две села, од Ресава и од Бегниште, се надевам дека ќе ја продолжат оваа долговековна традиција“, вели вишиот кустос Крстевски.

Ритуалната игра на џоломарите трае до зајдисонце. Маските ќе ги облечат повторно идната година, за да ги избркаат болестите и здрави да го продолжат вековниот обичај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG