Линкови за пристапност

Дестабилизација на Западен Балкан е повеќе од можна, велат експерти


Дестабилизација на Западен Балкан е повеќе од можна, велат експерти
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:27 0:00

Дестабилизација на Западен Балкан е повеќе од можна, велат експерти Aктуелната состојба во Босна и Херцеговина, тензиите на Косово, но и проблемите во Северна Македонија со Бугарија која го условува нејзиниот влез во ЕУ, не треба да се занемаруваат, велат експерти. Автор: Мики Трајковски

Aктуелната состојба во Босна и Херцеговина, тензиите на Косово, но и проблемите во Северна Македонија со Бугарија која го условува нејзиниот влез во ЕУ, не треба да се занемаруваат, вели професорот по одбранбени политики на Универзитетот Доња Горица во Црна Гора, Мехмедин Тахировиќ. Затоа, вели ситуацијата на Западен Балкан во моментот не е ниту малку розова, бидејќи постојат големи разлики меѓу државите и околу тоа како треба Балканот да изгледа во иднина.

„Некои држави сакаат да ја променат таа ситуација пред регионот да влезе во Европската Унија. Посебно до израз овде доаѓаат амбициите на Србија, која настојува со создавање на „српски свет“ да ја заокружи територијата каде што живеат Срби. Многу голем проблем имаме и со опстанокот на БиХ, како сложена дејтонска држава, каде Република Српска на чело со претседателот Додик отворено најавува излез од Босна и Херцеговина“, вели Тахировиќ.

Според него дестабилизацијата на Западен Балкан е повеќе од можна, поради етничките тензии, кои достигнуваат висок степен.

„Но, доаѓа и до промена на ориентацијата на државите на надворешно - политички план. И, тоа не оди во прилог на стабилноста на тие држави. Сето тоа оди кон еден концепт на ревитализација, односно повторна промена на картата на Балканот, што по мене може да доведе до повторна војна на Балканот“, додава тој.

За можна дестабилизација оваа есен, но на внатрешен план во интервју за Гласот на Америка, предупреди и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Претходно такво стравување изнесе и премиерот Христијан Мицоски.

„Да, точно е дека постојат информации, кои одат во насока на предизвикување на состојба во државата, која би требало да создаде немир. Немир врз основа на кој би требало да се факторизираат одредени политички субјекти, кои што беа повеќе од дваесеттина години на власт, и за кои е тешко да прифатат да бидат во опозиција“, вели Тошковски.

Иван Бошњак, државен секретар во Министерството за човекови и малцински права и друштвен дијалог во Владата на Република Србија, очекува актуелната нестабилност да биде надмината со европска интеграција на целиот регион.

„Србија како гарант на Дејтонскиот договор ќе се труди да го зачува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како соседна држава, но секако ќе продолжи да им помага на своите сонародници во Република Српска. Она што е приоритет е заштита на српскиот народ и другите интереси на Србија на територијата на Косово и Метохија. Се надеваме дека во иднина ќе се намалат овие безбедносни тензии и сите ќе се свртиме кон европската иднина“, вели Бошњак.

Периодот кој следи е многу важен за земјите од регионот. Со здружување на силите и капацитетите, полесно би се одговорило на сите предизвици со кој се соочува регионот.

„Важно е меѓусебно интегрирање, пред се заради постоечки регионални предизвици и глобални предизвици. Прелевањето оди последователно. Само со заеднички пристап можеме да очекуваме подобрување на регионалната безбедносна состојба и во Западен Балкан и пошироко“, вели Катерина Вељановска Блажевска, професорка по политички науки на МИТ Универзитетот во Скопје.

А кога безбедноста е доведена во прашање, не може да се зборува за странски инвестиции и слободен проток на граѓани, додава таа

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG