Тим Волц помина една година на настава во Кина во 1989 година и подоцна организираше студентски патувања, и вели дека ја посетил земјата повеќе од 30 пати во текот на годините.
Републиканците коментираат дека долгите врски на Волц со Кина значат дека Пекинг ќе го поздрави неговото приклучување на ливчето на Харис и предвидуваат дека ќе ја олабави тврдокорната економска и трговска политика на САД.
„Таа го избра Тим Волц, човек кој сака да префрли повеќе работни места за производството во Кина“, рече републиканскиот кандидат за потпретседател, Џеј ди Венс.
Се чини дека Венс мислеше на неколкугодишната поддршка на Волц за трговијата со Кина како гувернер на Минесота. Волц не ја спомна Кина на дебитантскиот настап во кампањата. Но, еве го тогашниот конгресмен во 2016-та, за тоа како гледа на односите во Пекинг со Вашингтон:
„Не спаѓам во категоријата на луѓе дека Кина нужно треба да биде непријател. Целосно не се согласувам со тоа. Но, мислам дека треба да останеме остри против она што тие го прават во Јужното Кинеско Море. Но, има многу области на соработка на кои можеме да работиме“, стои во тогашната изјава на Волц.
За Гласот на Америка во 2014 година, тој опиша како е да се живее во Кина една година по протестите на плоштадот Тјенанмен во Пекинг.
„Беше многу интензивен престој, и чест ми е што бев таму и го видов духот на кинескиот народ во обидот да биде многу горд на својата земја“, изјави Волц.
Во Кина, неколку часа по неговото деби на кампањата, потпретседателскиот избор на Харис брзо стана трендовска тема по социјалните медиуми. Некои сметаат дека можеби е пријателски настроен кон Кина. Други кинески корисници на интернет мислат дека тој ќе заземе потврд став.
Додека беше во Конгресот, Волц спонзорираше голем број резолуции кои беа критички настроени кон кинеското досие за човекови права. Еден националистички воен историчар рече дека демократите сакаат да ја „уништат Кина“.
Други коментираа за она што Волц го нарече „еден ручек што смени животот“, со Далај Лама, прогонетиот лидер на Тибет, при што еден корисник вели дека поранешниот учител во Кина изгледал како американски шпион.
Набљудувачите на Кина велат дека досега Пекинг јавно не изјаснил за Волц. Но, еве што некои гледаат во него:
„Тој беше многу искрен во критиките за досието за човекови права во Кина, и мислам тој го направи тоа од позиција која е можеби поверодостојна поради неговата впечатлива сериозност и искреност“, вели Кајзер Хуо, водител на подкаст.
Други кинески аналитичари се согласија дека евентуалната администрација на Харис-Волц се очекува во голема мера да продолжи со заострените политики кон Кина, воведени од администрациите на Бајден и Трамп.
„Мислам дека ова треба да се гледа низ целиот свет како континуитет со сложената, повеќедецениска политика на САД за потребата да се справат со Кина како голема сила во светот, но и со разликите во вредностите, особено кога станува збор за демократизација“, смета Џим Фалоус, новинар.
Но, што мисли Пекинг? Тоа е потешко да се предвиди.
„Во суштина се затечени во моментот и не знаат што да мислат за оваа личност, која не е онаква каква што очекуваа“, додава Фалоус.
Засега е нејасно за дуото потенцијални нови лидери - и двајцата родени во 1964 година под истиот лунарен хороскопски знак - што ќе носи иднината во Белата куќа.
Facebook Forum