Линкови за пристапност

Брегзит во застој


Велика Британија планира да побара од европските лидери напори за надминување на ќорсокакот

Британската премиерка Тереза Меј планира до нејзините европски колеги да поднесе барање за надминување на ќорсокакот во разговорите за Брегзит.

По четиридневните средби, од третиот официјален круг разговори меѓу Лондон и Брисел за излез на Велика Британија од Европската Унија, двете страни се подлабоко поделени во однос на клучните прашања споредено со порано, признаваат британски и европски претставници.

Тие велат дека разговорите се во „застој“ и „замрзнати“ и дека обете страни меѓусебно се обвинуваат за тоа. Европејците сметаат дека Британците се нејасни околу тоа што сакаат, додека Британците тврдат дека инсистирањето на европските преговарачите за согласност по условите за заминување, пред да започнат преговорите за трговски договор е вештачко и бескорисно.

Други препреки се висината на „сметката за развод“ од 89 милијарди долари. Брисел бара Велика Британија да покрие буџетски трошоци, проекции и структурни заеми на кои Лондон се обврзал во 2013-та година, долго пред минатогодишниот референдум. Британците велат дека сумите на ЕУ не треба да се додаваат. Официјални претставници на Унијата го отфрлија британското барање за флексибилност во преговорите.

Основа за компромис?

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барниер, изјави: „За да бидеме флексибилни, ни требаат двете позиции, нашата позиција и нивната. Треба да ја знаеме нивната позиција, а потоа да бидеме флексибилни“.

Гај Верхофстад, координатор за Брегзит од Европскиот парламент, ги прифаќа забелешките на Барниер, велејќи: „Ако само една страна ја става позицијата на маса, а другата страна не реагира, тогаш е тешко да се започне со преговори“.

Верхофстад вели дека е малку веројатно оти рокот за преговори ќе биде исполнет. Двете страни треба да постигнат значителен напредок до октомври или трговските разговори нема да можат да почнат, барем што се однесува до Европската Унија.

Според аналитичарите, Британците не сакаат да се согласат на договор, додека не бидат убедени дека можат да обезбедат преференцијален договор за слободна трговија, онаков како што тие посакуваат. Европејците на трошоците и на идниот трговски договор гледаат како на две одделни работи.

Но, засега нема знаци дека Британија е подготвена да ја промени преговарачката стратегија. За време на неодамнешната посета на Јапонија, Меј кажа: „Мислам дека добар трговски договор не се однесува само на Велика Британија, туку она што е добро за бизнисите и она што ќе биде добро за преостанатите 27 држави во ЕУ“. Иако признава дека Британија има финансиски обврски при заминувањето, таа додаде: „Според мене, во интерес на сите е да ги придвижиме трговските разговори и да постигнеме добар договор“.

Загриженост за границите

Разговорите за Брегзит се одбележани со недоверба и сомневање, признаваат официјалните лица, при што преговарачите од Велика Британија и ЕУ користат и тривијални аргументи како начин за добивање предност во процесот.

Поранешниот претседател на Европската комисија Романо Проди, претходно месецов предупреди дека разговорите предводени од британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис и Барниер, започнале многу лошо, со „крв на подот“.

Двете страни, исто така постигнаа мал напредок во однос на долгорочните права на повеќе од два милиона европски државјани и нивните семејства кои живеат во Велика Британија и околу 1,3 милиони Британци кои живеат во земјите на ЕУ.

Не постои ни договор што ќе се случи со границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, единствената копнена граница на Велика Британија со Европската Унија. Даблин и политичарите во Северна Ирска, кои заедно со Шкотска гласаа против Брегзит, се противат на враќањето на цврстата граница меѓу северот и југот на островот. Постојат стравувања дека ако нема отворена граница, тоа ќе предизвика заживување на насилниот ирски републиканизам.

Ирска се закани дека ќе стави вето на сите потези кон постигнување трговски договор, се` додека не бидат задоволни од прекуграничните договори.

Внатрешни несогласувања

Некои поранешни британски претставници ја критикуваа стратегијата на британската влада. Тие велат дека таа е одраз на остри спротивставувања во кабинетот на Тереза Меј, како и пошироки несогласувања во Конзервативната партија и британскиот Парламент, за тоа дали земјата треба да остане членка на единствен европски пазар и царинска унија по Брегзит, и покрај тоа што треба да се прифатат правила и прописи донесени од Брисел врз кои Лондон нема да има влијание.

Министерот за финансии, Фил Хамонд, поддржан од деловни лица се обидува да ги разубеди владејачките конзервативци од т.н. „тврд Брегзит“ и целосно излегување од ЕУ.

Истражувањето на јавното мислење покажува дека британските гласачи се вознемирени во однос на Брегзит, веројатно како реакција на се полошите вести за британската економија, која меѓу големите светски економии во моментот има најлош перформанс.

Загриженост за економските перспективи по Брегзит и идниот статус во Велика Британија веројатно ќе предизвикаат и егзодус на голем број Европејци со живеалиште во Британија. Околу еден милион граѓани на ЕУ, многумина од нив високо образовани и квалификувани, поради Брегзит планираат да ја напуштат државата, се вели во студијата на компанијата КПМГ (KPMG), која се занимава со давање професионални услуги.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG