Помина покрај медиумските екипи, ги изигнорира и влезе во салата пред почетокот на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Но, доаѓањето на Сергеј Лавров во Скопје, што од една страна се смета за успех на ОБСЕ, од друга страна има и негативни последици оти поради присуството на шефот на руската дипломатија не дојдоа министрите за надворешни работи на Украина и балтичката тројка.
Како тоа го гледа земјата-домаќин, Северна Македонија?
„Треба да бидеме свесни дека секоја земја, на свој начин, испраќа порака за неоправданоста на руската агресија врз Украина, некои тоа го прават со свое неприсуство, а некои со присуство и со мошне јасни ставови за неоправданоста на агресијата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Руската агресија врз Украина беше една од централните теми на првиот ден од Советот. Осуди за војната и повици за прекин на насилствата кои траат речиси две години дојдоа од сите страни.
„Визијата на ОБСЕ, како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неправедност и неоправданост. Секој изминат ден и изгубени животи се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право. Но, пред сè на вредностите на хуманоста. Народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре!“, рече Ковачевски.
Северна Македонија го привршува своето претседавање со ОБСЕ, година која донесе многу предизивици за оваа организација и го доведе под знак прашалник нејзиното натамошно постоење, пред се поради блокадите на Москва.
„И покрај исклучително тешкиот контекст, останавме решени на нашиот курс да служиме како посветен чувар на вредностите на ОБСЕ. Поддржани од поголемиот дел од земји-членки успеавме да избегнеме дефетизам и да собереме критична сила за да се псравиме со предизивиците за постоењето на ОБСЕ и успеавме да ја задржиме релевантноста на организацијата“, вели Ковачевски.
Компромисот за иден претседавач дојде пред неколку дена – тоа е Малта која „влета“наместо Естонија која не доби „зелено светло“ од Русија.
Друго прашање, покрај Украина, кое е во светскиот фокус е ситуацијата во Газа. Пред почетокот на Советот, Израел преку својот министер кој допатува во Скопје, прати порака за своите намери.
„Ќе продолжиме да се бориме се` додека не ги вратиме сите заложници и се` додека не го елиминираме Хамас. Определени сме да продолжиме со справување со терористичката организација и ќе го правиме тоа се додека не се ослободат заложниците, но ќе продолжиме и потоа“, изјави Ели Коен, министер за надворешни работи на Израел.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, само неколку часа беше во Скопје.
Замина синоќа по завршувањето на неформалната министерска вечера без воопшто да биде на исто место со Сергеј Лавров кој, пак, слета подоцна во вечерта.
Какви ќе бидат одговорите на официјална Москва на критиките кои во Скопје беа пратени на нејзина адреса ќе се знае утре за кога е најавена прес-конефернција на шефот на руската дипломатија.