Линкови за пристапност

Ја поддржуваме работата што ја правите да ги зајакнете демократските институции, рече Блинкен во Скопје


Блинкен се заблагодари за претседавањето на државата со ОБСЕ во „многу предизвикувачки период“
Блинкен се заблагодари за претседавањето на државата со ОБСЕ во „многу предизвикувачки период“

САД силно ја поддржуваат евроатланска интеграција на Северна Македонија и нејзината работа да ги зајакне демократските институции, изјави државниот секретар на САД Ентони Блинкен во Скопје.

„Имаме стратешко партнерство кое е навистина фокусирано на работата што ја работиме заедно како сојузници и партнери, но и на работата што ја работиме заедно на билатерална основа. И како што знаете, ние силно ја поддржуваме вашата евроатланска интеграција и силно ја поддржуваме работата што ја правите за уште повеќе да ги зајакнете вашите демократски институции. Силно ја поддржуваме работата што ја правите за да донесете поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко, што мислам дека ќе има многу моќни и длабоки влијанија. И во сето ова, можете да сметате на САД како силен партнер“, рече Блинкен во изјавата што ја објави Стејт департментот.

Блинкен се заблагодари за претседавањето на државата со ОБСЕ во „многу предизвикувачки период“.

„Но, вие го направивте тоа неверојатно добро и успеавте да ја унапредите мисијата на ОБСЕ и покрај многу, многу значајните пречки. И знам дека ќе бевте спремни да продолжите уште подолго, но мило ми е што Малта ќе ја преземе палката“, изјави Блинкен.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи му се заблагодари на Блинкен за билатералните односи и стратешко партнерство со САД.

„Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која започна стратешки дијалог. И ова, мислам, беше признание за успехот на Северна Македонија – ние сме сојузници во НАТО; се среќаваме многу често на министерствата на НАТО, но исто така, тоа е успешна, функционална, мултиетничка демократија која води со пример, и зад таа успешна приказна постојат два столба во основата на оваа приказна, а тоа е поддршката на САД и нашата. И можам да сметам на вашата поддршка за континуирана помош, а вие можете да сметате на нас во промовирањето на нашите заеднички вредности“, рече Османи.

Блинкен попладнево допатува во Скопје за 30. Министерскиот совет на ОБСЕ, а го пречека премиерот Димитар Ковачевски, со кого ја имаше и првата средба.

Ковачевски и Блинкен ги истакнаа одличните односи меѓу двете земји и разговараа за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на патот кон членството во Европската Унија и спроведувањето на потребните реформи.

Блинкен, пак, посочи дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори кои треба да го обезбедат членството во ЕУ и искажа голема почит за храбрите и државнички одлуки кои Владата ги презема за исполнување на таа цел.

„САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан“, истакна Блинкен.

Од Скопје, Блинкен ќе патува во Дубаи, Западниот Брег и Израел.

XS
SM
MD
LG