Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ.
Тоа го истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што дел од државите го откажаа учеството на Советот на ОБСЕ во Скопје, поради присуството на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Ковачевски го истакна значењето на ОБСЕ за македонската држава.
Ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на Македонија денес Северна Македонија му помага на ОБСЕ
„Ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на Македонија денес Северна Македонија му помага на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа“, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека македонското претседателствување со ОБСЕ било во најтешката година за организацијата и предизвици „во светло на неоправданата агресија и војна којашто Русија ја направи врз Украина“.
За тоа што Украина и балтичките земји го откажаа учеството, поради присуството на рускиот министер Лавров, премиерот Ковачевски рече дека секоја земја има свој начин за искажување револт.
Секоја земја, на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија што Русија ја изврши врз Украина
„Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја, на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија што Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно неприсуство. Меѓутоа некои тоа го прават со нивно присуство и се надевам со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија. Истото ќе го направам и јас на првото излагање денеска, на отворањето на овој значаен настан“, истакна Ковачевски.
Тој беше категоричен дека доаѓањето на Лавров не значи и триумф на руската дипломатија.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија. Ова е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продoлжи да биде гарант на обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, нагласи Ковачевски.
Премиерот додаде дека нема да се сретне со Лавров.