Арбен Таравари е претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“. Тој е доктор невролог, а специјалност му се деменцијата и Паркинсоновата болест. Во политиката официјално влегува пред осум години, а како предлог на неговата матична партија „Алијанса за Албанците“ кусо време ќе биде и министер за здравство, но ќе ја напушти функцијата за да се кандидира за градоначалник на градот во кој е роден – Гостивар и ќе победи на изборите во 2017 година и таа функција сè уште ја извршува во втор мандат.
Неговата кандидатура за претседател ќе го чини претседателството во матичната партија „Алијанса за Албанците“ бидејќи партијата останува со владејачкото мнозинство, а тој со неговото крило ќе се приклучи кон опозициската Коалиција „Вреди“.
Со едноставен слоган „Таравари за претседател“ ја почнува кампањата и речиси во секој настап е дециден дека тој како претседател е гаранцијата за продолжување на преговарачкиот процес со Европската Унија, но и дека е време за промени, мислејќи на неговите опоненти од ДУИ. Секогаш потенцира дека ЕУ, САД и НАТО се незаменливи сојузници на Северна Македонија.
„Обединувачка програма“ е насловот на програмата која стои на официјалниот сајт на Таравари и е на македонски, албански и англиски јазик.
„Северна Македонија е наша заедничка куќа. Таа куќа мора да има силни столбови. Тие столбови се: интеграција во Европската унија, безбедност, владеење на правото и консензуална демократија“, стои на самиот почеток на програмата.
Она по што Таравари е препознатлив е што доколку биде избран за претседател ќе се залага Северна Македонија да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“ и ќе се залага неговиот наследник да се бира во Собранието. Отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите е еден од приоритетите за да може да продолжи преговарачкиот процес.
„Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик како ‘друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните’ и албанскиот јазик, во неговото писмо, да биде службен јазик на целата територија на државата на еднакво ниво со македонскиот јазик“, е ставот на Таравари.
Facebook Forum