Линкови за пристапност

Таравари за албанскиот како втор јазик: Имаме капацитети да се договориме, и одредени теми да ги затвориме


Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во студио на Глас на Америка, во Вашингтон.
Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во студио на Глас на Америка, во Вашингтон.

Има повеќе отворени теми во државата кои не мора да ги држиме под тепих, туку треба да ги решиме, вели Таравари во интервју за Гласот на Америка на македонски, алудирајќи на уставни измени во делот на употребата на албанскиот јазик

Еден од лидерите на Влен, владин коалиционен партнер, Арбен Таравари во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, изразува оптимизам за официјализирање на албанскиот како втор јазик во Северна Македонија до крајот на мандатот на Владата предводена од Христијан Мицкоски.

„Јас се надевам дека ќе успееме и дека ќе се договориме меѓу нас. Мислам дека има повеќе отворени теми во државата коишто не мора да ги држиме под тепих, туку треба да ги решиме. Мнозинството во владата е стабилно, и јас се надевам дека во идниот период – капацитети за да седнеме и меѓу нас да се договориме, и одредени теми да ги затвориме“, рече Таравари во интервјуто.

Тој ја потврдува неодамнешната изјава на премиерот Мицкоски дека не разговарале на оваа тема.

Оваа е една од темите што мислам дека во наредниот период би требало се разговара и да се договори
Таравари

„Ние како Влен имаме право и да размислуваме, да имаме наши идеи, и наши предлози. Генерално, договор нема, меѓутоа, и во кампањата кажавме дека нашата цел е овој мандат, доколку можеме да изнајдеме решение, тоа што е понижувачки за Албанците во Уставот на Република Македонија – официјални јазици се македонскиот и јазикот којшто го говорат над 20% од населението – нашиот предлог, кој е одамна, а не од сега – јазикот над 20% на население да биде заменето со албански јазик“, вели Таравари.

Тој вели дека „повеќето македонски политичари имаат кажано дека тоа не им пречи“. На прашањето на Гласот на Америка на македонски дали тоа му го рекол Мицкоски, Таравари одговори:

„Уште немаме договор, кога ќе имаме договор, нормално ќе излеземе и ќе го кажеме тоа заеднички. Меѓутоа, тоа е наш предлог, и тоа што би сакале од нашата програма (во кампањата) да го имплементираме наредните четири години додека сме дел од владата“.

На прашањето како би го имплементирале, Таравари одговори:

„Меѓусебно, без да има договор (тоа) не се имплементира. За да се промени нешто во Уставот потребни се 80 гласови, ние сме свесни за тоа. Со сила не се прави тоа. Ние треба да разбереме дека меѓу нас секогаш треба да има договори – да се договориме за одредени работи коишто се битни и важни државата, за некој што мисли дека е понижувачки за нив“.

Целото интервју:

Таравари: Здравството е тотално девастиран систем
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:04 0:00

Глас на Америка: Министер, обвинителството води истрага за случајот на Клиниката за Онкологија. Шефот на скопското обвинителство јавно ги повика сите авторитети да најдат начин за надминување на проблемот. Што ќе преземете во врска со случајот и биолошката терапија на Клиниката за Онкологија како прв човек во ресорот здравство?

Таравари: Конкретно, случајот е уште од пред ние да дојдеме на власт. Се работи за период, ако не се лажам, меѓу 2019 и 2023 година. Впрочем, веќе ништо не зависи од министерството за здравство. Целите материјали, сведоштвата од поранешните министри и вработени коишто директно имале некаков удел во тој мега-скандал, се во обвинителството. Ние како Министерство за здравство ни преостанува само да го охрабриме обвинителството што поскоро да излезе со резултати, и да знаат луѓето кој бил крив за тој мега-скандал. Јас се надевам, и очекувам да имаме што побрзо резултати од тоа испитување и тој скандал.

Глас на Америка: Обвинителството посочи дека се чека вештачењето од Словенија, по добиеното вештачење од Србија, кое, пак, потврдило недоследности во работењето. Како се работи денес на Клиниката?

Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во Гласот на Америка, во Вашингтон.
Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во Гласот на Америка, во Вашингтон.

Таравари: Не дека се работи подобро, туку јас мислам дека со новиот директор е комплетно поинаку. Се надевам дека на Клиниката за Онкологија нема веќе да има такви скандали, нема да се повторуваат. Не само на Клиниката за Онкологија, туку и во други здравствени јавни институции. Моментално на Клиниката за Онкологија се случи само околу 10 дена да недостасува биолошка терапија. Инаку, 95% од терапијата што се користи кај онколошките пациенти ја имаше. Ја надминавме и кризата со онколошката терапија. Се случи само 10 дена, меѓутоа повторно ја има комплетно биолошката терапија, така што во ред сме, и мислам дека тоа што го работи и како го работи директорот на Клиниката за Онкологија е за поздравување.

Глас на Америка: Рековте дека 95% од биолошката терапија ја има...

Таравари: ...Не од биолошката терапија, од вкупно онколошката терапија. Од биолошката терапија кога зборуваме веќе ја има комплетно цела.

Глас на Америка: Дали тоа значи дека сите пациенти можат сега да добијат терапија?

Таравари: Да. Сите тие коишто имаат потреба за таква терапија. Зборуваме за многу скапа терапија, да го имаме предвид ова, повеќе не земаме терапија на реверз како што порано се злоупотребувало. Веќе конзилиум на доктори по протоколи коишто постојат одлучуваат каде да се даде биолошка терапија.

Глас на Америка: А, што во случаите ако не се добива редовна терапија?

Таравари: Нема таков случај во моментот. Јас мислам дека сите пациенти се покриени со потребната терапија, така што се надевам дека во иднина нема да се случи да има таков недостаток од ниту еден ден. Меѓутоа, ова што се случи е тоа што го наследивме. Практично, потребата за биолошка терапија расте кај пациентите. Не дека имавме помалку терапија, туку и процентот болни со различни типови на канцери, за жал, расте во државата. Во однос на 2023 во 2024 година имало околу 7 до 10 % број на откриени луѓе кои заболуваат од различни онколошки заболувања.

Глас на Америка: Ресорот здравство се соочува и со недостаток на медицински персонал. Како ќе го надминете тој проблем?

Таравари: Владата веќе презема чекори коишто никогаш не се преземени во историјата на Македонија. Што сакам да кажам со ова? Недостасуваат докори, и ние како Влада изнајдовме решение по препорака на министерството за здравство имавме приватни специјализанти коишто приватно специјализираа и беа потенцијални кандидати да избегаат од државата по завршувањето (на специјализацијата). Ние донесовме одлука на Влада во којшто сите овие 600 ќе бидат вработени, ќе бидат дел од јавните здравствени установи. И, 1 200 медицински сестри, болничари и друг средно-медицински кадар, коишто беа договорци, почнуваме да им даваме решение.

Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во Гласот на Америка, во Вашингтон.
Д-р Арбен Таравари, министер за здравство во Владата на Северна Македонија, како дел од коалицијата Влен, гостува во Гласот на Америка, во Вашингтон.

Глас на Америка: Дали тие 1 200 се сите што се ангажирани како хонорарци како медицински технички персонал?

Таравари: Генерално, да, 80-90%, плус има административци кои недостасуваат во јавните здравствени установи, така што, одма да се пушти инфузија во јавното здравство со 600 доктори, плус 1 200 медицински кадар и мал број на администрација, тоа се 1 800 нови вработувања, што мислам дека никогаш во историјата на независна Македонија не се случило за една година да пуштите толкав прилив на медицински кадар. Се обидуваме да ги задржиме, и да го одржиме здравствениот систем. Имаше колективен договор којшто не можеше да се решава со здравствените работници веќе 10 години. Тој е веќе решен, и здравствените работници, освен колективниот договор. Имаат и покачени плати од околу 10% од 1 ноември 2024 година, што мислам дека за овие 7-8 месеци се обидовме и направивме добри потези коишто не се решаваат во државата веќе 10 години. (А, тоа се) приватни специјализанти, вработување на медицински сестри, позитивна листа на лекови. Во Македонија повеќе од 10 години немаше ниту еден нов лек на позитивната листа. Откако дојдовме во Влада и во министерството ја преземавме функцијата, поминавме позитивна листа со девет нови лекови. Се надевам дека набргу ќе имаме уште 3-4 нови лекови. Сериозно размислуваме и за примарната здравствена заштита – да ја покачиме вредноста на капитацијата – примарните (семејните) доктори да не добиваат 75, туку 90-100 денари, што би било покачување за околу 20%.

Глас на Америка: Дали сте задоволен од тоа како функционира ресорот здравство?

Здравството е тотално девастиран систем во којшто се обидуваме паралелно и да гасиме пожари и да работиме стратешки
Таравари

Таравари: Здравството е тотално девастиран систем во којшто се обидуваме паралелно и да гасиме пожари – таму каде што ни се појавуваат одредени кризи – меѓутоа и да работиме стратешки. Тоа подразбира колективни договори, покачување плати, нови вработувања, креирање на стратегија 2030. Користиме надворешни ресурси кои ни помагаат на таа стратегија, а тоа се експерти од ЕУ, СЗО, и наши здравствени експерти. Треба да ги споиме сите три и да донесеме една заедничка стратегија којашто се надевам дека ќе биде објавена во втората половина на 2025 година. Да речам дека здравствениот систем е перфектен во Македонија, не можам да кажам, бидејќи перфектно функционален здравствен систем не постои никаде во светот. Дека имаме полно недостатоци – да – затоа се обидуваме да гасиме пожари, меѓутоа и стратешко да работиме и да решаваме проблеми на долгорочно ниво, и без разлика на тоа кој е министер, да се знае патот кон кој ќе оди македонското здравство.

Глас на Америка: Господине Таравари, како еден од лидерите на Коалицијата Влен, се залагавте за целосна употреба на албанскиот јазик. Премиерот Христијан Мицкоски за ова вели, цитирам, „немало такви разговори“. Дали за ова сте разговарале со Мицкоски?

Таравари: Ние како Влен имаме право и да размислуваме, да имаме наши идеи, и наши предлози. Генерално, договор нема, меѓутоа, и во кампањата кажавме дека нашата цел во овој мандат е доколку можеме да изнајдеме решение, тоа што е понижувачки за Албанците, во Уставот на Република Македонија да стои – официјални јазици се македонскиот, и јазикот којшто го говорат над 20% од населението – нашиот предлог, кој е одамна, а не од сега – а тоа е јазикот над 20% на население да биде заменето со албански јазик. Во претходниот период повеќето македонски политичари имаат кажано дека тоа не им пречи. И, навистина не им пречи...

Глас на Америка: Дали тоа Мицкоски на Вас во моментов ви го има кажано - дека не му пречки?

Таравари: Уште немаме договор, кога ќе имаме договор, нормално ќе излеземе и ќе го кажеме тоа заеднички. Меѓутоа, тоа е наш предлог, и тоа што би сакале од нашата програма (во кампањата) да го имплементираме наредните четири години додека сме дел од владата.

Глас на Америка: Како би го имплементирале тоа?

Таравари: Меѓусебно, без да има договор (тоа) не се имплементира. За да се промени нешто во Уставот потребни се 80 гласови, ние сме свесни за тоа. Со сила не се прави тоа, нешто што го кажав во парламентот – имаше пратеничко прашање. Мајндсетот на ДУИ секогаш беше позиционирано со условување. Не оди така. Ние треба да разбереме дека меѓу нас секогаш треба да има договори – да се договориме за одредени работи коишто се битни и важни државата, за некој што мисли дека е понижувачки за нив. Мислам дека вакви договори меѓу коалициските партнери во оваа Влада има – не велам за 20% – туку за сите проекти што ги реализираме. Меѓутоа, и оваа е една од темите што мислам дека во наредниот период би требало се разговара и да се договори.

Глас на Америка: Дали очекувате дека албанскиот јазик ќе стане втор јазик до крајот на мандатот?

Таравари: Јас се надевам дека ќе успееме и ќе се договориме меѓу нас. Мислам дека има повеќе отворени теми во државата коишто не мора да ги држиме под тепих, туку треба да ги решиме. Мнозинството во владата е стабилно, и јас се надевам дека во идниот период – имаме капацитети за да седнеме и меѓу нас да се договориме, и одредени теми да ги затвориме.

XS
SM
MD
LG