Знамето на сириската опозиција беше подигнато во сириската амбасада во Москва што е знак дека Русија го загуби клучниот сојузник на Блискиот Исток и сега мора да ја преиспита својата стратегија и сојузи во регионот.
Кремљ им даде азил на соборениот сириски лидер и неговото семејство во Москва и повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да се разговара за ова прашање.
За Москва, падот на Асад е сериозен удар.
„Интервенцијата на Москва во Сирија беше начин да се покаже дека е глобална сила и дека има способност да влијае на работите надвор од нејзиното непосредно соседство. Така, мислам дека во однос на видот на геополитичките импликации, тоа покажува дека Русија е помалку моќна отколку што би сакала да му покаже на остатокот од светот“, смета Кејт Џонсон од Центарот за нова американска безбедност.
Москва влезе во сириската војна за да го поддржи Асад во 2015 година, инвестирајќи ресурси и руски војници, што сега би можело да се уништи.
Аналитичарите велат дека други се тие кои ќе ги искористат придобивките од падот на Асад по 13-годишната граѓанска војна во Сирија.
„Големиот победник овде е Турција. Мислам дека Ердоган е воодушевен што Трамп предложи дека ќе ги отстрани американските војници од Сирија. Влијанието на Турција станува покритично во таа земја. Значи, Ердоган и Турција, нивните акции растат, додека акциите на Русија се намалуваат овде“, посочува Марк Хана од Институтот за глобални политики.
Официјални лица на Кремљ велат дека се во контакт со новите власти, сугерирајќи дека Москва сака да постигне некаков договор за да го задржи своето присуство во Сирија. Но, улогата што ја имаше Москва во репресијата на сирискиот народ од страна на Асад може да биде сеќавање кое тешко може да се избрише.
„Видовме како Русија бомбардира болници, училишта, го поддржуваше Асад како фрла бомби врз населението, го поддржуваше Асад кога користеше хемиско оружје. Значи, мислам дека ниту една нова влада, без разлика на составот, без разлика дали е ХТС, дали ги вклучува Курдите, какви и да се групираат, не можат одеднаш да ја заборават бруталноста што Русија ја нанесе врз цивилното население“, вели Нил Квилијам од Чатам Хаус.
Брзиот пад на владата за многумина беше незамислив пред еден месец, уништувајќи ја структурата на моќ за која некои луѓе до неодамна мислеа дека ќе трае, создавајќи нова ситуација кој засега е нејасна.
Facebook Forum