Алармнантната ситуација со пожарите кои со седмици беснеат низ земјата и неможноста за соодветно справување со ситуацијата ги натера новите власти да размислуваат за ресетирање на целокупниот систем за справување со кризи.
Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, владино меѓуресорско тело задолжено за оваа сфера кој денеска заседаваше, и препорача на владата итно да донесе одлука за реорганизација на системот за да се овозможи соодветно справување со секоја настаната криза.
„Ова што се случуваше е мизерно за една држава која сака да биде дел од ЕУ зашто факт е дека немаме систем кој соодветно може да се справи со кризен менаџмент, особено со справување со пожарите, поради што на денешната седница на Управувачкиот комитет донесовме одлука со којаи препорачуваме на владата да донесе одлука за реорганизација на системот кој всушност и не постои. Факт е дека и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и сите останати институции делуваат во рамките на оние капацитети коишто сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и особено ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие. Но, факт е дека наследивме систем којшто е руиниран и кој ако сакаме да биде онаков како што треба да биде мораме суштински да го реформираме за да догодина повторно не не снајде истото“, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Една од идеите за подобрување на состојбата е создавање на едно тело со спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување под единствена команда. И првиот човек на ЦУК смета дека има потреба од обединување на институциите и подобро менаџирање со ресурсите. Ангелов не крие дека во центарот има превработеност на позиции од кои нема реална корист.
„Во овој момент имаме од Центарот за управување со кризи околу 300 вработени и мислам дека Дирекцијата за заштита и спасување се повеќе од 300. Сметам дека со малку помалку луѓе би добиле нова функционална институција која ќе ги обедини постоечките функции на двете постоечки институции и би добиле една условно кажано специјана единица за заштита и спасување. Таа би била во јачина од една армиска чета од 120 луѓе која би била мултифункционална, летно време ќе гасне пожари, но истовремено ќе може да спасува луѓе ако се повредат на планини. Постои цврста и јасна волја час поскоро системот за управување со кризи да биде трансформиран во еден значително пофункционален систем бидејќи на тој начин со истите ресурси што ги имаме сега, системот ќе може да гаси повеќе пожари, тоа да го прави поефикасно и побрзо“, рече директорот на центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Денеска се уште се активни седум пожари кои се гасат и со екипи на терен и со авиони и хеликоптери од воздух. Најсериозен е огнот кај Македонски Брод кој се движи кон паркот „Јасен“. Полицијата информираше дека две лица се осомничени за подметнување два пожара и дека е формирана оперативна акција за откривање на сторителите зашто најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор. Речиси две седмици земјата е под „огнена опсада“ за што во изминатите денови на помош дојдоа и воздухоплови од соседните држави.
Facebook Forum