Владината одлука за ограничување на маржата во трговијата на мало и големо на 10 отсто, на основните прехранбени производи и средствата за хигиена не влева оптимизам кај граѓаните, дека тоа значително ќе ги намали цената на производите, од секојдневната потрошувачка.
„Нема шанса, тоа е само секое чудо за три дена. Тоа треба нон-стоп да биде без ралзика која Влада и да е. Тука е во прашање животот на големите глави, сиромашните не ги прашуваат. Сè е бизнис. Со 45 години работен стаж, а 12.500 денари пензија добив и каде е крајот“, вели Стојан од Охрид.
„Се надеваме, но не верувам. Затоа што набиени се цените и што да очекуваме ние пониски цени. Ние како народ очекуваме да е поевтино. Во однос на балканските и европските земји, нашите цени се многу високи. Нашите плати се најниски и на Балканот. Петстотини евра дали е плата“, вели Ѓурѓица.
„Очекуваме да ги намалат производите, бидејќи скапо е сè, не можеме на крај да излеземе. Пенизонерка сум. Со пензија живееме“, вели Живка.
„Тешко, една недела и потоа толку. Кога ќе ги земеме пензиите една недела подобро, а потоа ништо лебчето и маргаринчето. Потешко се живее. Наместо подобро да е, тоа полошо е“, вели Љиљана, жителка на Охрид.
„Не ми се верува. Затоа што нема разбирање од трговците. Не ми се верува. Навистина се превисоки цените и секој ден наместо да стојат тие само се зголемуваат“, вели Донка, жителка на Охрид.
„Не верувам. Мислам дека ова е самоволие од трговците. Како сакаат така прават. По 600-700 денари е цената на сирење, каде го има тоа. Немаат луѓе за живот. Тоа е се вода и лук, кога ќе се помеша и горчи“, додава Борче, жител на Охрид.
Од Македонската платформа против сиромаштија велат дека цените за живот стануваат прескапи за поголем дел од населението.
„Земајќи во предвид дека 22 отсто од населението живее под линијата на сиромаштија и уште 15 отсто се борат секојдневно со ризикот од сиромаштија, огромна е бројката на луѓе, кои што не можат да си дозволат оброк, кој ќе ги исполни нутритивните вредности за да може нивното здравје и физичка состојба да бидат во добра кондиција“, вели Билјана Дуковска, претседателка на Макеоднската платформа против сиромаштијата.
Дуковска вели дека политиките кои се преземаат се само краткорочни мерки, кои не влијаат на состојбата.
„Туку само го купуваат социјалниот мир на населението и уште пострашно е што секоја година обемот на луѓе, кои неможат да си дозволат доволен број на храна станува сè поголем“, вели Дуковска.
Според нивните анализи растот на цените и трошоците за живот, не ја следат приходната страна на домаќинствата, односно не расте нивниот приход, пропорционално со сумите кои треба да ги издвојат од семејниот буџет за секојдневните давачки.
„Нам ни е потребна политика, која што ќе се грижи за различни целни групи од населението, односно не само да се промовира, т.н. социјална помош, туку да се подржат сетови на мерки и да се оформат политики, кои нема да дозволат луѓето социјално да се исклучат и да отсуствуваат од сите општествени текови“, додава Дуковска.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува со ограничување на маржата на 10 отсто да има драматично намалување на цените на оние производи коишто вистински ги користат граѓаните. Засега оваа мерка ќе важи до 30 април, а дали ќе продолжи и понатаму, Мицкоски рече, дека треба да видат како ќе се одвиваат работите.
Facebook Forum